МЕРЦ СО НОВ ПЛАН ЗА УКРАИНА – Членство во ЕУ без право на глас

Новиот модел за Украина би овозможил поблиска соработка со европските институции додека траат војната и пристапните преговори.

МЕРЦ СО НОВ ПЛАН ЗА УКРАИНА – Членство во ЕУ без право на глас
Фото: Принтскрин

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предлага нов, постепен модел за приближување кон Европската Унија, првенствено наменет за Украина, но со можни импликации и за земјите од Западен Балкан.

Мерц предложи Украина да добие статус на специјален партнер во рамките на Европската Унија, оценувајќи дека брзото полноправно членство во овој момент не е реална опција.

Во писмо испратено до европските лидери, канцеларот наведува дека ваквиот модел би ѝ овозможил на Украина поблиска соработка со европските институции, меѓу кои Советот на министри и Европската комисија. Сепак, во почетната фаза земјата не би имала статус на полноправна членка ниту право на глас.

Според Мерц, предлогот е одговор на специфичната состојба во која се наоѓа Украина како држава во војна, но и признание за напредокот што го постигнала во пристапните преговори. Идејата, исто така, треба да придонесе за олеснување на мировните иницијативи што ги турка американскиот претседател Доналд Трамп, вклучително и преку политичка гаранција дека клаузулата за заемна помош на ЕУ би важела и за Украина.

Германскиот канцелар смета дека целосното членство на Украина во Европската Унија во блиска иднина останува малку веројатно.

CATEGORIES
Share This