ЛАЈКА СО СИЛЕН РЕЗУЛТАТ 44 кучиња добија нов дом
172 заловени, 124 стерилизирани и 44 вдомени – еве што покажуваат бројките од септемврискиот извештај на ЈП „Лајка“.

ЈП „Лајка“ го објави месечниот извештај за работата во септември, во кој се опфатени активностите на терен, бројот на третирани кучиња, вдомувањата и ангажманите поврзани со безбедноста за време на големите градски настани во Скопје.
Според извештајот, во текот на септември биле заловени 172 кучиња, додека 124 биле стерилизирани или кастрирани. Во исто време, 44 кучиња биле вдомени, од кои 14 биле животни кои во прифатилиштето престојувале со години. Дополнително, 105 кучиња биле вратени на локација по спроведениот третман.
Најголем број заловени и третирани кучиња имало во Општина Бутел – 39, потоа во Кисела Вода 29, Аеродром 25, Карпош 24, Центар 23, Гази Баба 18 и Ѓорче Петров 15. Во Општина Чаир биле опфатени две кучиња.
Засилени теренски активности
Во септември „Лајка“ за првпат работела со четири екипи за заловување, во продолжен временски период од 5 до 20 часот. Екипите биле ангажирани во Кисела Вода, Центар и Гази Баба, според однапред утврден план.
Паралелно продолжило и постапувањето по пријави од граѓани, општини и институции на територијата на Скопје, при што од „Лајка“ наведуваат дека по итните пријави се постапувало во првиот можен момент, а најдоцна во рок од 24 часа.
Од јавното претпријатие посочуваат дека секое заловено куче поминува ветеринарен преглед и, согласно неговата состојба, соодветен третман, стерилизација или кастрација, вакцинација против беснило, микрочипирање и идентификација.
Ангажман и за време на Скопскиот маратон и „Бела ноќ“
Теренските тимови во септември биле дополнително ангажирани и во пресрет на Скопскиот маратон и манифестацијата „Бела ноќ“.
Активностите биле насочени кон централното градско подрачје и трасата на маратонот, при што дел од бездомните кучиња биле привремено згрижени во прифатилиштето. Целта, според „Лајка“, била да се обезбеди безбедно одвивање на настаните за граѓаните и учесниците, но и безбедност на животните поради зголемената фреквенција на луѓе и сообраќај.
44 кучиња добиле нов дом
Во текот на септември биле вдомени 44 кучиња, а од „Лајка“ посебно го издвојуваат податокот дека 14 од нив биле кучиња кои подолг период престојувале во прифатилиштето.
Во текот на месецот биле згрижени и четири кучиња привремено, а претпријатието продолжува да бара привремени згрижувачи за животните.
„Лајка“ во септември добила и донации од КАМ Маркет, Луна Пет Шоп и Гудиес, наменети за кучињата во прифатилиштето.
Од претпријатието ги повикуваат граѓаните кои сакаат да помогнат да вдомат куче, да станат привремени згрижувачи, да волонтираат или да донираат опрема и средства за животните.
Во рамките на едукативните активности, „Лајка“ повторно апелира на одговорно сопствеништво и стерилизација, посочувајќи дека напуштањето на нестерилизирано куче може да доведе до негово размножување и создавање нови генерации бездомни животни.
„Заедно создаваме похумано Скопје – чекор по чекор, куче по куче“, порачаа од ЈП „Лајка“.

