ДРАМА НА НЕБОТО Една грешка на пилот крена борбени авиони во воздух
Пилотот по грешка активирал сигнал за киднапирање, а Израел веднаш испратил борбени авиони и го пренасочил летот кон Кипар.

Израелските власти денеска реагираа со највисоко ниво на претпазливост откако пилот на патнички авион на бугарската авиокомпанија „Електра ервејс“ по грешка активирал сигнал за киднапирање додека летал од Варшава кон Тел Авив.
Според информациите на израелската телевизија N12 и порталот Jfeed, пилотот го активирал кодот за итни случаи што означува можно киднапирање на авионот, но веднаш потоа ги известил контролите на летање дека станува збор за ненамерна грешка и дека ситуацијата во авионот е целосно под контрола.
И покрај тоа, израелските безбедносни служби постапиле согласно строгите безбедносни протоколи. Во воздух биле испратени борбени авиони, а на патничкиот авион му било наредено да не слетува на аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, туку да го пренасочи летот кон Кипар.
Во авионот се наоѓале околу 180 патници.
Засега не се соопштени официјални информации за тоа дали авионот веќе слетал, ниту на кој аеродром бил пренасочен. Израелските власти сè уште не објавиле дополнителни детали за инцидентот.


