КРАЈ ЗА ШЕНГЕНСКИТЕ ПРОБЛЕМИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ВОЗАЧИ Комората бара посебен статус
Стопанската комора предлага професионалните возачи да бидат изземени од 90-дневното ограничување што важи за туристите и да добијат посебен механизам за непречено движење низ ЕУ.

Македонските транспортери би можеле да добијат посебен статус во Шенген-зоната, со кој професионалните возачи би биле изземени од ограничувањата што важат за туристите. Предлогот го презентираше координаторот за меѓународна соработка во Стопанската комора, Даниел Матракоски, кој оцени дека сегашните административни бариери стануваат сериозна пречка за транспортниот сектор.
„Стоката не се движи сама. Ова не е миграциско прашање, туку е прашање на опстанок на европските синџири на снабдување“, рече Матракоски.
Од Комората посочуваат дека проблемот има директно влијание врз македонската економија, имајќи предвид дека 77,5 отсто од македонскиот извоз оди директно во Европската Унија. Според Матракоски, не е логично професионалните возачи кои ја одржуваат европската индустрија да бидат третирани на ист начин како туристите и да подлежат на истото 90-дневно ограничување.
Предлогот предвидува посебен статус за професионалните возачи како мобилни економски работници од витален интерес. Како што објасни Матракоски, механизмот би бил паралелен со билатералните визи, односно со долгорочните визи од типот Д што се користат со одредени земји членки на ЕУ.
„Ние нудиме паралелен механизам на билатералните визи“, рече тој.
Од Комората најавуваат дека прашањето ќе биде отворено и преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и на работните средби со Европската комисија. На претстојната средба на бизнис-платформата на КИФ се очекува да присуствува и висок претставник на Европската комисија, каде што македонската страна ќе го презентира барањето за посебен статус на професионалните возачи.
Бариерите со кои се соочуваат превозниците ќе бидат тема и на претстојниот состанок на министрите за економија од регионот. Состанокот ќе се одржи задутре во Цетиње, каде што прашањето за транспортот и условите за движење на професионалните возачи повторно ќе биде ставено на регионалната агенда.

