КРАЈ НА ЕРАТА – Легендата на Атлетико кажа збогум на „Метрополитано“

Стоечки овации за најдобриот стрелец во историјата на клубот.

КРАЈ НА ЕРАТА – Легендата на Атлетико кажа збогум на „Метрополитано“
Фото: Принтскрин

Легендата на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман, вчера имаше емотивно збогување со навивачите, одигрувајќи го својот последен натпревар пред домашната публика на „Метрополитано“. Најдобриот стрелец во историјата на клубот доби стоечки овации од трибините, во вечер исполнета со емоции и носталгија.

Во претпоследното, 37. коло од шпанската Ла Лига, Атлетико Мадрид ја совлада Џирона со 1:0. Единствениот гол беше постигнат во 21. минута, кога Гризман му асистираше на Адемола Лукман. Со оваа асистенција, Французинот ја запиша и својата 100-та асистенција во дресот на „црвено-белите“, на својот 500-ти настап за клубот.

Особено симболично, токму на отворањето на „Метрополитано“ во 2017 година, Гризман го постигна и својот прв гол на овој стадион.

По натпреварот, тој се обрати до навивачите и се заблагодари за поддршката низ годините, притоа осврнувајќи се и на своето заминување во Барселона.

„Сега е моментот кога сè ми станува тешко. Прво, ви благодарам на сите што останавте. Ова е неверојатно. Второ, и нешто што ми е многу важно,  знам дека повеќето од вас веќе ми простија, а некои можеби сè уште не, но сакам уште еднаш да се извинам. Не бев свесен за љубовта што ја имав тука. Бев многу млад. Тогаш направив грешка, но размислував за сè и се потрудив да се вратам и повторно да уживам во сето ова“, изјави 35-годишниот фудбалер.

На залезот од својата импресивна кариера, Гризман заминува во американската МЛС лига, каде што ќе настапува за Орландо Сити.

Кариерата ја започна во 2009 година во Реал Сосиедад, во 2014 премина во Атлетико Мадрид, а во 2019 се пресели во Барселона. По две сезони, се врати во мадридскиот клуб, прво на позајмица, а потоа и со траен договор, оставајќи зад себе статус на најдобар стрелец во историјата на Атлетико Мадрид со 212 гола (143 во Ла Лига).

CATEGORIES
Share This