ЕДЕН СТАН, ЕДНА КАРТА – Почнува нова ера на паркирање во Центар
Второ и трето возило со нови месечни надоместоци за жителите.

Во услови на постојан пораст на бројот на возила во општина Центар и ограничен јавен простор, прашањето за праведна распределба на паркинг местата станува едно од клучните урбани предизвици за жителите.
Со последните одлуки на Советот на општина Центар се воведува нов систем за паркирање, чија цел е поефикасно и порационално користење на постојните капацитети. Од ЈП ПОЦ велат дека новиот модел ќе им овозможи на жителите полесно да доаѓаат до паркинг место во близина на нивните домови, особено во најоптоварените делови како Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и централното градско подрачје.
Една од најзначајните промени се однесува на издавањето на повластените паркинг карти. Наместо досегашниот принцип „по жител“, тие отсега ќе се издаваат „по станбена единица“, односно по адреса.
Според ПОЦ, претходниот модел овозможувал нерамномерно користење на јавниот простор, бидејќи едно домаќинство можело да регистрира повеќе возила под повластени услови, што дополнително го оптоварувало паркинг системот.
Со новите правила, секое домаќинство ќе има право на една бесплатна повластена паркинг-карта за првото возило. За второто возило ќе се плаќа месечен надомест од 500 денари, а за третото 1.500 денари.
Од претпријатието нагласуваат дека мерката не е рестриктивна, туку има за цел да воспостави баланс и пофер распределба на јавниот простор. Дополнително, се очекува да се намали метежот, да се поттикне користење на гаражите и да се подобри целокупната сообраќајна слика во општината.
Приходите од новиот систем, како што најавуваат од ПОЦ, ќе бидат насочени кон проширување на паркинг капацитетите, подобро искористување на постојните простори, како и дигитализација и модернизација на услугите.
Крајната цел, според надлежните, е воспоставување современ и одржлив систем на паркирање кој ќе овозможи повеќе ред, помал притисок врз јавниот простор и подобар квалитет на урбаното живеење во Центар.
