КОРУПЦИЈА СО ЕВРОПСКИ ПАРИ Бивш министер и функционери во мрежа за мито
Случајот отвора прашања за интегритетот на распределбата на европските фондови.

Обвинителството во воведниот говор за случајот „ИПАРД“ истакна дека обвинетите имале законска обврска правилно да ги користат европските средства, но наместо тоа, според нив, се вклучиле во коруптивни активности и ја злоупотребиле постапката, со што го нарушиле угледот на државата пред Европската унија.
Според обвинителството, со докази од посебни истражни мерки и писмена комуникација ќе се докажува дека Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда, а сега сопственик на фирма, понудил мито со цел неговата компанија да добие проект од европската програма за рурален развој.
Одбраната на Насуфи, пак, тврди дека тој ниту понудил, ниту дал мито, и дека неговата фирма не добила повластен третман ниту дополнителни бодови при рангирањето.
Вина негира и поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев. Неговиот адвокат наведува дека Стоилев не учествувал во процесот на оценување и рангирање на апликациите.
Во обвинението се наведува дека Стоилев требало да добие 50.000 евра за да овозможи фирмата на Насуфи да добие европски средства, додека тројца негови соработници наводно примиле по 5.000 евра за да го поттикнат да го потпише одобрението.
КОРУПЦИСКА АКЦИЈА Директор на Агенцијата за финансиска поддршка уапсен за мито
