ЌЕ ГО ПРЕЖИВЕЕ ЛИ И ТРЕТИОТ УДАР Тошковски повторно пред интерпелација

Ова е трета интерпелација за министерот Тошковски во актуелниот парламентарен состав.

ЌЕ ГО ПРЕЖИВЕЕ ЛИ И ТРЕТИОТ УДАР Тошковски повторно пред интерпелација
Фото: Национал

Работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ќе биде предмет на собраниска расправа, откако поднесената интерпелацијат беше ставена на дневен ред на пленарната седница во Собранието. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, информираше дека пратениците ќе дебатираат за наводите содржани во интерпелацијата, поднесена во мај годинава.

Министерот Тошковски го обвинуваат за сериозни пропусти во работењето на Министерството за внатрешни работи, наведувајќи саботирање на истраги, селективна правда, непрофесионално постапување на полицијата и можен судир на интереси. Интерпелацијата е образложена преку 17 точки групирани во шест тематски области кои се однесуваат на работата на МВР и одговорноста на министерот.

Меѓу забелешките се посочуваат наводна несоработка со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, непостапување во случаи од висок јавен интерес, како и пропусти во откривањето и процесуирањето на сериозни облици на криминал. Во документот се наведуваат и обвинувања за селективно постапување на полицијата, партизација на институцијата, како и пропусти поврзани со трагедијата во Кочани, случаите на семејно и врсничко насилство, фемицид и говор на омраза. Дополнително се отвораат прашања за можен судир на интереси, адвокатско-тужбени постапки од периодот пред Тошковски да ја преземе министерската функција, како и за тендерски процедури и деловни поврзаности кои, според партијата, заслужуваат институционална проверка. Од друга страна, министерот Панче Тошковски ги отфрли обвинувањата, оценувајќи дека интерпелацијата претставува политички мотивиран обид за попречување на борбата против криминалот и корупцијата.

„Нема да бегам од дебата. Подготвен сум јавно да ги соочам аргументите пред пратениците и граѓаните. МВР работи професионално и постигнува видливи резултати во намалувањето на криминалитетот“, порача Тошковски.

Тој додава дека иницијативата ја гледа како координиран политички притисок од опозициските партии.

Ова е трета интерпелација за министерот Тошковски во актуелниот парламентарен состав. Првата беше поднесена во јануари 2025 година, а во април истата година. Во двата случаи парламентарното мнозинство гласаше против негово разрешување.

Покрај денешната расправа, во Собранието се очекуваат и други значајни политички процеси. Утре треба да пристигне предлогот за ребаланс на Буџетот за 2026 година, кој претходно ќе биде разгледан на владина седница. Гаши се осврна и на најавената реконструкција на Владата, нагласувајќи дека седница за евентуалните кадровски промени ќе биде свикана веднаш штом Владата официјално го достави предлогот до Собранието. Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека разговорите со коалициските партнери се во завршна фаза и дека конечните одлуки за реконструкцијата на Владата се очекува да бидат формализирани во текот на претстојниот викенд.

CATEGORIES
Share This