КИНО ПОД ЅВЕЗДИТЕ ПРИСТИГНУВА ВО ШЕСТ МЕСТА ‘МакеДокс’ тргнува на ново филмско патување низ Македонија
Од 10 до 17 јули, шест места низ Македонија ќе бидат претворени во кино под отворено небо со бесплатни документарни проекции на ‘МакеДокс’.

Документарниот филм повторно ќе патува низ земјата. По седумнаесетти пат, Патувачкото кино на „МакеДокс“ го започнува својот караван, носејќи филмски приказни до места каде што ретко има можност да се одржат кино-проекции. Од 10 до 17 јули, патувачкото кино ќе посети шест населени места и градови, претворајќи плоштади, училишни дворови и јавни простори во привремени кина под отворено небо.
Годинешната тура започнува на 10 јули во Неготино, со проекција кај Спомен-костурницата. Следната вечер, на 11 јули, караванот ќе биде во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули следува посета на Демир Капија, каде филмовите ќе се прикажуваат на градското Шеталиште, додека на 14 јули Патувачкото кино ќе гостува во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“.
Последните две вечери од патувањето се резервирани за Негорци на 16 јули, во ООУ „Ристо Шуклев“, и за Гевгелија на 17 јули, во ООУ „Јосиф Јосифовски“. Веќе 17 години, Патувачкото кино на „МакеДокс“ ја исполнува својата мисија – да ги поврзува луѓето преку документарните приказни и да создава простор за заеднички средби, разговори и размена на идеи.
Освен филмските проекции, секоја кино-вечер нуди можност за дружење и дискусија за темите што ги отвораат филмовите – приказни кои инспирираат, поставуваат прашања и поттикнуваат дијалог меѓу публиката. Патувачкото кино не е само патување на филмовите, туку и на човечките средби, разговорите и емоциите што продолжуваат и по завршувањето на проекциите.
Седумнаесеттото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Сите проекции се бесплатни, а дополнителни информации за програмата ќе бидат објавени преку официјалните комуникациски канали на фестивалот.


