ОХРИД ЌЕ БИДЕ ЦЕНТАР НА СВЕТСКАТА ОПЕРА Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново го носат светскиот оперски спектакл во Охрид
Со гала концертот „Љубов“ на Античкиот театар започнува 66. „Охридско лето“, кое годинава ќе донесе над 700 уметници од 24 земји и повеќе од 50 фестивалски настани.

Со спектакуларен гала концерт насловен „Љубов“, на кој ќе настапат светската оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе биде свечено отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Врвните оперски уметници ќе настапат под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми, во придружба на Националната опера и балет, со што ќе започне едно од најзначајните културни случувања во земјава.
Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека фестивалот е симбол на традицијата, културната поврзаност и уметничките вредности кои повеќе од шест децении го позиционираат Охрид на светската културна мапа.
„Во вечно инспиративниот Охрид се испреплетуваат традицијата и убавината, а уметноста преку фестивалот добива нова димензија и сила. Како директор на фестивалот чувствувам огромна одговорност, но и привилегија да бидам дел од приказната која со децении ја гради духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко“, изјави Цуцковски.
Годинашното 40-дневно фестивалско издание ќе понуди околу 50 настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот. На сцените ќе настапат повеќе од 700 уметници од 24 земји ширум светот. Во рамки на програмата ќе бидат одбележани и два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на големата оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Фестивалот и оваа година ќе биде збогатен со тематски вечери организирани во соработка со дипломатските претставништва во земјава, меѓу кои Австриска, Шпанска, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската унија. Посебно внимание повторно ќе биде посветено на младите уметници. Пред официјалното отворање, во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, ќе се одржи „Подиум на млади“ – можност новата генерација музичари да се претстави пред фестивалската публика.
Новина во годинашното издание ќе бидат и концертите на џез музика, кои од 13 до 16 август ќе се одржат на сцената „Долни Сарај“ и во „Света Софија“. Публиката ќе има можност да ужива во настапи на врвни џез музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Северна Македонија. Според Цуцковски, минатогодишното издание на „Охридско лето“ било едно од најуспешните во последната деценија, со рекордна посетеност и најголема продажба на билети во изминатите 10 години.
„Над 10.000 посетители беа дел од 65. издание на фестивалот, а според продадените билети имаше публика од повеќе од 30 држави од сите континенти. Овие резултати се значајни не само за фестивалот, туку и за развојот на туризмот и промоцијата на Охрид како културна и туристичка дестинација“, посочи директорот на „Охридско лето“.
Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е А1 Македонија, а поддршка во реализацијата даваат и Општина Охрид, дипломатскиот кор и бројни партнери и спонзори.


