КАВГА ВО СОБЛЕКУВАЛНАТА НА УРУГВАЈ ПРЕД КЛУЧНИОТ МЕЧ Играчите го нападнаа Биелса, дел демонстративно си заминаа
Најискусните репрезентативци го обвиниле селекторот за пренапорни тренинзи и погрешна тактика, а состанокот завршил во уште поголеми тензии.

Само неколку дена пред клучниот натпревар против Шпанија на Светското првенство, во репрезентацијата на Уругвај избувна сериозна криза. Според уругвајските медиуми, дошло до жесток конфликт меѓу селекторот Марсело Биелса и дел од најискусните репрезентативци.
Наводно, голманот Серхио Рочет, заедно со играчите од средниот ред Мануел Угарте, Родриго Бентанкур и Федерико Валверде, побарале состанок со аргентинскиот стратег. На средбата тие изразиле незадоволство од интензивните тренинзи, оценувајќи дека токму тие придонеле за зголемениот број повреди во тимот. Воедно, тие го довеле во прашање и тактичкиот пристап што Биелса го подготвил за пресметката со Шпанија.
Како реакција, Биелса го собрал целиот состав и одржал речиси 50-минутен говор. Според извештаите, тој остро ги отфрлил критиките и им порачал на фудбалерите дека ова не е првпат да се обидуваат да влијаат врз неговите одлуки.
„Веќе се обидовте да ме смените кога беше случајот со Луис Суарез. Истото се случи и со Нахитан Нандес. Јас сум човекот кој помогна во развојот на кариерите на некои од овие играчи, како Касерес и Макси Араухо“, им рекол Биелса.
Тензиите, сепак, не стивнале. Според истиот извор, неколкумина репрезентативци ја напуштиле просторијата пред селекторот да го заврши своето обраќање. Капитенот Хосе Хименес се обидел да ги задржи, но безуспешно.
Дополнително масло на огнот долеал дефанзивецот на Барселона, Роналд Араухо, кој поради повреда сè уште нема настап на шампионатот. Тој наводно изјавил:
„Со Божја помош да ја минеме групата, но вака повеќе не може.“
Уругвај во последното коло мора да ја совлада Шпанија доколку сака сам да ја решава својата судбина и да обезбеди пласман во нокаут-фазата. Во случај на пораз или реми, репрезентацијата ќе зависи од исходот на натпреварот меѓу Зеленортските Острови и Саудиска Арабија, како и од резултатите на третопласираните селекции во останатите групи.


