МУНДИЈАЛОТ НОСИ НОВА СЕНЗАЦИЈА Еквадор го шокираше фудбалскиот гигант, Холандија го покажа шампионскиот ритам
Голови, изненадувања и драматичен расплет – познати се новите патници во осминафиналето на Мундијалот.

По комплетирањето на натпреварите во групите Д и Е на Светското првенство, познати се новите патници во нокаут-фазата, а не изостанаа ниту возбудувањата и изненадувањата.
Холандија ја потврди фаворитската улога и со сигурна победа од 3-1 над Тунис го освои првото место во својата група. „Лалињата“ експресно го решија победникот, Шири си постигна автогол уште во третата минута, а само четири минути подоцна Броби зголеми на 2-0.
Тунис успеа да ја намали негативата преку Мастури во 54. минута и накратко внесе неизвесност, но Ван Хеке во 62. минута ги постави конечните 3-1. За Тунис ова беше трет пораз во исто толку натпревари, па шампионатот го заврши без освоен бод.
Во вториот натпревар од групата, Јапонија и Шведска одиграа 1-1. Маеда во 56. минута им донесе водство на Јапонците, но Еланга само шест минути подоцна израмни за конечен резултат.
Со освоениот бод, Јапонија по вторпат во својата историја ја мина групната фаза на Светско првенство без пораз, додека Шведска со четири бода обезбеди место во осминафиналето како една од најдобрите третопласирани репрезентации.
Конечниот поредок во групата е: Холандија прва со седум бодови, Јапонија втора со пет, Шведска трета со четири, а Тунис последен без бодови.
Во групата Е, Еквадор приреди големо изненадување совладувајќи ја Германија со 2-1. Германците поведоа уште во втората минута преку Лирој Сане, но Ангуло израмни во деветтата минута, пред Гонзало Плата во 77. минута да донесе голема победа за Еквадор.
Во вториот меч, Брегот на Слоновата Коска го победи Курасао со 2-0, а двоен стрелец беше Никола Пепе, кој погоди во 7. и 64. минута.
И покрај поразот, Германија го задржа првото место во групата со шест бодови, колку што освои и Брегот на Слоновата Коска, па двете селекции директно се пласираа во осминафиналето. Еквадор заврши трет со четири бодови и ќе ја чека разврската во останатите групи за евентуален пласман како една од најдобрите третопласирани репрезентации, додека Курасао го заврши настапот со само еден освоен бод.


