КОГА НЕ СЕ ПРИФАЌА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Прифатете ги барем овие два амандмани за фер избори

Тие ги повикуваа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат амандманите и да покажат дека се залагаат за фер и рамноправен изборен натпревар.

КОГА НЕ СЕ ПРИФАЌА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Прифатете ги барем овие два амандмани за фер избори
Фото: Единствена Македонија

Станува сè поизвесно дека промената на изборниот модел од шест во една изборна единица нема да биде усвоена со најновите измени и дополнувања на Изборниот законик.

Сепак, од Единствена Македонија упатуваат повик за усвојување барем решение – забрана за предизборно коалицирање меѓу политичките партии, со што би се овозможило коалицирање исклучиво по завршувањето на изборите.

Според партијата, ваквата измена би претставувала демократски исчекор и би овозможила реално мерење на политичката поддршка што ја има секоја партија кај граѓаните, без можност за создавање привидна слика за големината на одредени политички субјекти.

Партијата потсетува дека во Собранието веќе има доставено предлог-законски текст со амандмани за промена на изборниот модел и забрана за предизборно коалицирање, и бара политичка зрелост и демократски капацитет.

Дополнително, Единствена Македонија укажува и на потребата од еднаков третман на претставниците на сите партии на избирачките места.

Во поднесениот амандман се бара сите претставници на политичките партии на 3.480 избирачки места да имаат еднакви услови, посочувајќи дека според актуелните правила само претставници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои „седат на кутиите“, добиваат дневници од државниот буџет за изборниот ден, додека останатите партии треба сами да ги покриваат трошоците.

Од партијата оценуваат дека станува збор за финансиски товар за останатите партии и дека, ако буџетот го полнат сите граѓани, тогаш условите треба да бидат исти за сите учесници на изборите.

„Или дневница за претставниците на сите партии на изборниот ден или за никој“, порачаа од Единствена Македонија.

Тие ги повикуваа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат амандманите и да покажат дека се залагаат за фер и рамноправен изборен натпревар.

CATEGORIES
TAGS
Share This