КАМИОНИТЕ ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ ГРАНИЦИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН НА 26 ЈАНУАРИ – Протест против шенгенските правила за возачи
Новите шенгенски правила и правилото 90/180 дена создаваат неизвесност за возачите

На 26 јануари, точно напладне, граничните премини на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија ќе се претворат во симбол на судирот помеѓу правила и реалност. Професионалните превозници ќе ги паркираат своите камиони, најавувајќи целосна блокада на товарниот сообраќај кон ЕУ и транзитот низ регионот. Исклучок ќе бидат само камионите што превезуваат лекови, живи животни или специфични безбедносни пратки.
Протестот не е спонтан, туку кулминација на години на притисоци поради целосната примена на системот за евиденција на влез и излез (EES) и строгото толкување на правилото 90/180 дена за престој во Шенген зоната. За возачите од земји надвор од ЕУ, тоа значи апсења, депортации и неизвесност што трае месеци или години.
„Нашите возачи не се туристи, туку луѓе што ја движат економијата“, истакнува Александар Спасиќ, генерален секретар на Здружението на меѓународни патни превозници на Србија.
Последиците од блокадата може да загрози над милион тони стока, со одложени испораки, недостиг на суровини и прекини во производството и трговијата низ целиот регион. Растечките оперативни трошоци и недостигот од возачи дополнително го отежнуваат движењето на стоките. Со над 75% од регионалниот извоз насочен кон ЕУ, секое нарушување на транспортот има далекусежни ефекти.
Превозниците веќе водеа дијалог со Европската комисија, но одлуките од 15 јануари 2026 година можат да резултираат со губење на околу една третина од возачите. Бизнис-заедницата предлага дигитална претходна регистрација, поедноставени дозволи и прилагодување на шенгенските правила за професионалниот транспорт.
„Немаме друг избор“, порачуваат превозниците. Протестот не е само блокада, туку обид да се одбрани правото на работа и да се потсети дека зад секоја регулатива стојат луѓе, компании и цели економии.

