КАМЕРИТЕ СЕ ШИРАТ НИЗ МАКЕДОНИЈА Тошковски откри кога „Безбеден град“ ќе биде насекаде

Охрид, Струмица, Штип и Битола се следни на листата за проширување на системот.

КАМЕРИТЕ СЕ ШИРАТ НИЗ МАКЕДОНИЈА Тошковски откри кога „Безбеден град“ ќе биде насекаде
Фото: Принтскрин

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува проектот „Безбеден град“ да биде целосно имплементиран на територијата на Македонија до крајот на годинава, а најдоцна во јануари 2027 година.

Тој посочи дека системот веќе функционира во Скопје, Куманово, Тетово и на подрачјето на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Според Тошковски, следни за имплементација се СВР Охрид, Струмица и Штип, додека до крајот на годинава или најдоцна во јануари 2027 година системот треба да биде воведен и во СВР Битола.

„Скопје, Куманово и Тетово како СВР веќе се покриени. Го пуштивме во употреба и во рамки на СВР Велес. Наредно СВР каде што ќе биде имплементиран е СВР Охрид, потоа следат СВР Струмица и Штип, а на крајот се надевам дека во рамки на оваа година или јануари 2027 година ќе го имплементираме и на територија на СВР Битола“, изјави Тошковски во централниот „Дневник“ на Македонската радио-телевизија.

Министерот оцени дека најголем предизвик за Битола е мрежното поврзување со централниот систем, но нагласи дека, независно дали тоа ќе се реализира до крајот на годинава или на почетокот на следната, „Безбеден град“ ќе биде воспоставен на територијата на цела Македонија.

Тошковски истакна дека сообраќајната безбедност останува еден од најголемите предизвици, особено поради значителниот дел од криминалитетот кој е поврзан со сообраќајот.

CATEGORIES
Share This