ИЗБРАНИ НОВИТЕ МИНИСТРИ Опозицијата ја напушти седницата, Собранието во хаос

Осум нови министри добија поддршка од 69 пратеници, додека опозицијата ја напушти седницата поради инцидентот со Иван Стоилковиќ.

ИЗБРАНИ НОВИТЕ МИНИСТРИ Опозицијата ја напушти седницата, Собранието во хаос
Фото: Национал

Собранието вечерва ги избра осумтемина нови министри предложени во рамки на владината реконструкција. За нивниот избор гласаа 69 пратеници од парламентарното мнозинство, додека опозициските пратеници претходно ја напуштија седницата поради инцидентот што се случи за време на расправата.

Опозицијата ја напушти салата откако новиот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, кој досега ја извршуваше функцијата министер за односи меѓу заедниците како кадар на Демократската партија на Србите, упати навредливи зборови кон пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците.

Со реконструкцијата, за министер за здравство е избран Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување и кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе го предводи Ѓоко Велковски, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор.

Коалицијата „Вреди“ ги презеде Министерството за правда, каде министер е Јетон Шасивари, како и Министерството за односи меѓу заедниците, со кое ќе раководи Агон Ферати. Нов министер за култура и туризам е Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер.

Од редовите на ЗНАМ, Борче Серафимовски е избран за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Иван Стоилковиќ е нов министер за локална самоуправа, а досегашниот министер Златко Перински ќе биде директор на Фондот за здравствено осигурување.

За министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите е избран Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

Образложувајќи ги кадровските промени, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека реконструкцијата има цел да внесе нова енергија и побрзо темпо во работата на Владата.

„Пред вас стои предлог за нова енергија, за ново темпо и за нова фаза во развојот на државата. Предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска да работат чесно, одговорно и во интерес на граѓаните“, рече Мицкоски.

Пред самото гласање тој изјави дека е задоволен од новиот владин тим, оценувајќи дека Владата досега испорачала бројни реформски закони, за кои, како што рече, добила позитивни оценки и од еврокомесарката Марта Кос. Воедно, премиерот им се извини на пратениците и на јавноста за случувањата на седницата.

„Сакам да се извинам на вас пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа повеќе нема да се повтори“, изјави Мицкоски.

Опозициските партии оценија дека реконструкцијата претставува признание дека Владата не ги исполнила очекувањата во првите две години од мандатот. Пратеникот на СДСМ Миле Талески рече дека Владата ја вратила државата „една деценија назад“, обвинувајќи ја за изолација, пад на животниот стандард и неисполнети реформи. Независниот пратеник Миле Цеков, кој ја напушти ЗНАМ, изјави дека партијата ги изневерила граѓаните и не останала доследна на принципите со кои настапила пред изборите.

CATEGORIES
TAGS
Share This