ХАОС ВО СОБРАНИЕТО Мицкоски го нарече Битиќи „мизогин лик“, опозицијата ја напушти седницата

Жестоката расправа за реконструкцијата на Владата прерасна во размена на навреди, по што СДСМ и дел од опозицијата ја напуштија собраниската седница.

ХАОС ВО СОБРАНИЕТО Мицкоски го нарече Битиќи „мизогин лик“, опозицијата ја напушти седницата
Фото: Национал

Собраниската седница за реконструкцијата на Владата беше одбележана со жестоки вербални судири меѓу власта и опозицијата, по што пратениците на СДСМ и нивните коалициски партнери ја напуштија салата. Повод за ескалацијата беше расправата по обраќањата на пратениците на СДСМ, кои ја критикуваа работата на Владата, оценувајќи дека во изминатите две години нема економски резултати, евроинтеграциите се во застој, а реконструкцијата претставува признание за неуспешното владеење.

Премиерот Христијан Мицкоски остро му возврати на пратеникот Фатмир Битиќи, кој претходно оцени дека во земјата владее авторитарен режим.

„Човек кој е полн со фрустрации и има мизогини карактерни особини, љубител на семејни грантови, самопрогласен експерт кој зад себе остави катастрофа, не заслужува внимание од претседател на Влада“, рече Мицкоски, додавајќи дека Битиќи „најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости“.

Во продолжение премиерот ги отфрли обвинувањата дека Македонија е авторитарен режим, правејќи споредба со, како што рече, периодот кога функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле приведувани од полицијата во раните утрински часови.

Дополнителна тензија предизвикаа и изјавите на пратеникот Митко Трајчулески, кој оцени дека предложениот состав на реконструираната Влада испраќа загрижувачки пораки за евроатлантската ориентација на државата.

Тој го критикуваше изборот на Иван Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, оценувајќи дека со тоа „српскиот свет“ добива влијание врз македонските општини. Осврнувајќи се и на кандидатот за министер за земјоделство Борче Серафимовски, Трајчулески потсети на негово учество на собир организиран од фондацијата „Руски мир“.

Мицкоски ги отфрли ваквите критики и ја обвини СДСМ за двојни стандарди, потсетувајќи дека во минатото партијата барала поддршка од Иван Стоилковиќ за уставните измени и промената на името.

По инцидентите, СДСМ одржа вонредна прес-конференција на која побара јавно извинување од премиерот Христијан Мицкоски и од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, како и реакција од претседателот на Собранието Африм Гаши. Од партијата соопштија дека за време на седницата нивните пратеници биле изложени на навреди, пцовки и непримерно однесување, оценувајќи дека таквиот говор може да поттикне дополнителни тензии.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека по прекинот на седницата Стоилковиќ вербално ги нападнал Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.

„Тоа не му доликува на кандидат за министер кој треба да биде избран од Собранието“, рече Спасовски.

Од СДСМ го критикуваа и претседателот на Собранието Африм Гаши, тврдејќи дека не реагирал иако, според нив, биле прекршени Деловникот и Етичкиот кодекс на Собранието. Откако не добија извинување, пратениците на СДСМ, заедно со коалициските партнери, ја напуштија седницата. Подоцна од работата се повлекоа и пратениците од „Европскиот фронт“, Алијанса за Албанците и Албанска лига.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерта изјави дека реконструкцијата претставува само замена на министри без промена на политиките.

„Никој не му се плаши на Мицкоски. Со заканите и навредите само покажува колку е слаб. Од оваа реконструкција граѓаните не можат да очекуваат ништо. Тоа е само замена на имиња, без резултати и без нови политики“, рече Филипче.

Тој оцени дека Владата нема резултати во ниту една област, дека цените продолжуваат да растат, животниот стандард опаѓа, а европската интеграција на државата останува во застој.

CATEGORIES
TAGS
Share This