ИЗБОР НА ШЕФ НА ОЈО ГОКК – Петмина обвинители во трка
Цветановски, Пеливанов, Раичевиќ, Хаџи-Василева и Азизи денеска ги претставуваат кандидатурите, а новиот шеф на ОЈО ГОКК ќе биде избран на 28 октомври со тајно гласање.

Советот на јавни обвинители денеска ќе одржи седница на која петтемина пријавени кандидати ќе ги претстават своите кандидатури за функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје (ОЈО ГОКК).
Според официјалната кандидатска листа, за раководната позиција конкурираат вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, обвинителот во Вишото јавно обвинителство и поранешен обвинител во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Трајче Пеливанов, обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.
Изборот ќе се спроведе на 28 октомври, во периодот од 8 до 16 часот, со тајно и непосредно гласање на јавните обвинители.
За спроведување на изборната постапка, Советот на јавни обвинители формираше комисија во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Изборот на новиот раководител следува поради истекувањето на мандатот на актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.
Огласот за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК беше објавен во „Службен весник“ на 21 август годинава.

