ДИК ГО УТВРДИ ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ Изборите во Брвеница на 18 октомври

Содржината, изгледот и безбедносните елементи на ливчето се усвоени едногласно, а дел од седницата на ДИК се одржа зад затворени врати поради доверливоста на изборниот материјал.

ДИК ГО УТВРДИ ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ Изборите во Брвеница на 18 октомври
Фото: Принтскрин

Државната изборна комисија (ДИК) на 19-та седница едногласно ги утврди содржината, изгледот и заштитата на гласачкото ливче за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, закажани за 18 октомври 2026 година.

Од ДИК информираат дека расправата за оваа точка, согласно член 33 од Деловникот и соодветните одредби од Изборниот законик, се одржала на затворена седница, без присуство на јавноста. Целта е да се зачуваат доверливоста на изборниот материјал и интегритетот на изборниот процес, особено во однос на специфичните видливи и невидливи безбедносни елементи на гласачкото ливче.

Од Комисијата посочуваат дека при утврдувањето на содржината се применети законските одредби за употреба на јазиците и писмата. Ливчето ќе биде отпечатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во општината, согласно законските услови, како и на јазикот и писмото на заедницата на која ѝ припаѓаат кандидатите.

Редоследот на кандидатите и нивните подносители ќе биде во согласност со утврдената единствена листа на кандидати.

Главниот дел од гласачкото ливче ќе ги содржи називот на општината, бројот на гласачкото место, името и симболот на подносителот, како и редниот број, името и презимето на кандидатите. На делот што останува на кочанот ќе бидат наведени серискиот број, општината и бројот на гласачкото место.

За делот од седницата што се одржал зад затворени врати ќе биде составен посебен записник, кој ќе се архивира заедно со тонската снимка и нема да биде јавно објавен.

Во рамки на усвоениот дневен ред, ДИК едногласно го усвои и записникот од претходната, 18-та седница.

CATEGORIES
Share This