ТАА Е ВО БУГАРИЈА Обвинителствотот бара притвор за Ива Михаилова

Обвинителството веднаш доставило предлог за притвор откако судот утврдил дека Михаилова не била пронајдена на домашната адреса и не се јавила во полиција, иако имала изречени мерки за обезбедување присуство.

ТАА Е ВО БУГАРИЈА Обвинителствотот бара притвор за Ива Михаилова
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство Кочани доставило предлог за определување притвор за Ива Михаилова, откако утринава било известено од Основниот суд Кочани дека таа не била пронајдена на домашната адреса и не ја исполнила обврската за јавување во полиција.

Претседателот на Основниот суд Кочани, Спиро Борисов, потврди дека предлогот е доставен и дека судот треба да одлучи по него.

„Обвинителството е известено од судот утрово и веднаш до судот е доставен предлог за определување мерка притвор. Потоа судот одлучува по предлогот. По донесување на одлуката, се издава наредба за потерница“, изјави Борисов.

Случајот привлече внимание откако Михаилова се појави во бугарските медиуми и соопшти дека се наоѓа во Бугарија, иако против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Според претходните информации од Обвинителството, во октомври 2025 година ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош, а ѝ биле определени и забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска за редовно јавување кај службено лице.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека во системот за гранична контрола нема евидентиран излез на Михаилова од Македонија. Според информациите добиени преку заедничкиот контакт-центар, ниту бугарската гранична полиција нема евидентирано нејзин легален влез во Бугарија.

Од друга страна, Михаилова и нејзиниот бугарски адвокат тврдат дека ја преминале границата со лични документи.

Сега се очекува Основниот суд Кочани да одлучи по предлогот за притвор, по што, доколку биде донесена таква одлука, може да биде издадена наредба за потерница.

CATEGORIES
Share This