ИСТОРИСКИ ПЛАН НА УЕФА Македонија директно на ЕП 2036 без квалификации

Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Македонија и Албанија се споменуваат како можни коорганизатори на ЕВРО 2036.

ИСТОРИСКИ ПЛАН НА УЕФА Македонија директно на ЕП 2036 без квалификации
Фото: Принтскрин

Иако сè уште нема официјална потврда, во европските фудбалски кругови сè погласно се шпекулира за можна заедничка кандидатура на неколку балкански земји за организација на Европското првенство во 2036 година, меѓу кои и Македонија.

Според информациите што кружат во спортската јавност, потенцијални домаќини би биле Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Македонија и Албанија. Доколку таквата кандидатура добие поддршка од УЕФА, за првпат во историјата континенталниот шампионат би се организирал во шест земји од регионот.

Со евентуалното добивање на организацијата, сите земји-домаќини автоматски би обезбедиле место на завршниот турнир.

Паралелно со овие шпекулации, се разгледува и можноста Европското првенство да се прошири од сегашните 24 на 32 репрезентации. Едно од сценаријата предвидува квалификации во 12 групи со по четири селекции, при што по две репрезентации од секоја група би избориле директен пласман.

Во таков формат, 24 репрезентации би дошле преку квалификациите, шест места би им припаднале на домаќините, а преостанатите две би се пополнувале преку Лигата на нациите на УЕФА.

Засега, УЕФА нема донесено конечна одлука ниту за домаќинот на ЕВРО 2036, ниту за евентуалното проширување на турнирот. Следните две европски првенства ќе се одржат во Велика Британија и Република Ирска во 2028 година, односно во Италија и Турција во 2032 година.

CATEGORIES
TAGS
Share This