ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ИЛИ МИТ Грузија ја отвори заборавената винска колекција на Сталин
Грузиската влада планира аукција на 40.000 шишиња ретки вина.

Во Тбилиси, во слабо осветлен магацин со заплеткани пајажини што висат од таванот и со воздух исполнет со мошусна сладост, се чува вредна винска колекција која некогаш му припаѓала на родениот во Грузија Јосиф Висарионович Сталин.
Грузиската влада, која располага со околу 40.000 шишиња ретки француски и грузиски вина, оваа недела за прв пат го отвори винскиот трезор во главниот град. Планирана е аукција на дел од колекцијата, која вклучува вина датирани уште од почетокот на 19 век, а средствата ќе бидат наменети за отворање училиште за винско образование во Грузија.
Иракли Гилаури, од компанијата „Гилаури Вајнс“, која соработувала со Министерството за земјоделство на проектот, изјави дека аукцијата ќе помогне Грузија да се позиционира на светската мапа на колекционери на вино.
Грузија, која се претставува како една од најстарите татковини на виното во светот, се повикува на археолошки докази за традиција на производство на вино стара околу 8.000 години.
Сталин, кој е роден во Грузија и го водеше Советскиот Сојуз од 1924 година до неговата смрт во 1953 година, бил познат како страстен љубител и колекционер на вино. Неговата колекција вклучувала и шишиња од престижни француски имоти во Бордо, кои некогаш биле во сопственост на руската царска фамилија Романови, конфискувани по Руската револуција во 1917 година.
Меѓу посетителите на трезорот беше и колекционерот Виктор Чен од Далас, кој изјави дека чувството е како „Индијана Џонс што отвора пештера“ и неизвесно дали внатре има нешто безвредно или нешто навистина историско.
„Нема многу моменти кои сè уште можат да се наречат историски во овој момент, но ова можеби е еден од нив“, додаде тој.
