УНГАРСКИ МЕДИУМИ ОТКРИВААТ Што прави Груевски и колку заработува денес

Консултантска компанија без вработени, но со редовни приходи и добивка.

УНГАРСКИ МЕДИУМИ ОТКРИВААТ Што прави Груевски и колку заработува денес
Фото: Принтскрин

Осудениот поранешен премиер и бегалец Никола Груевски, кој веќе осум години живее во Унгарија, и понатаму остварува приходи преку приватна консултантска компанија, покажуваат податоци објавени од унгарскиот портал „444“.

Станува збор за фирмата „I.C.I.C Kft“, основана во 2021 година, чија главна дејност е деловно советување. Иако компанијата нема вработени, нејзините финансиски извештаи покажуваат дека редовно остварува приходи и работи со добивка.

Според податоците, фирмата минатата година остварила приход од околу 9.600 евра, додека една година претходно приходите изнесувале околу 11.600 евра. Поради ниските трошоци карактеристични за консултантската дејност, најголем дел од средствата останале како добивка. Во 2025 година компанијата прикажала профит од околу 5.650 евра.

Од основањето до денес, Груевски преку дивиденди повлекол вкупно околу 45.800 евра, додека последната добивка ја оставил во компанијата. За разлика од 2024 година, кога подигнал 2 милиони форинти како дивиденда, минатата година не повлекол средства, туку профитот останал во фирмата.

Од 2021 година досега, според објавените податоци, тој исплатил вкупно околу 16,2 милиони форинти дивиденда, односно приближно 45.760 евра.

Годишниот извештај покажува и дека средствата на банкарската сметка на компанијата пораснале од 8 на 9 милиони форинти до крајот на минатата година. Во исто време, се зголемиле и обврските на фирмата и од 2,5 милиони форинти во 2024 година на 3,3 милиони форинти на крајот од 2025 година.

Унгарскиот медиум наведува дека од основањето на компанијата досега Груевски исплаќал дивиденди во вредност од десетици илјади евра, додека дел од заработката останал како акумулирана добивка во фирмата. Не е познато кои се клиентите на компанијата, ниту со кои субјекти соработува.

Во анализата се потсетува и на блиските односи на Груевски со поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и поранешниот шеф на дипломатијата Петер Сијарто, при што се наведува дека тој во повеќе наврати бил консултиран за политичките состојби на Западен Балкан.

Во меѓувреме, од македонското Министерство за правда соопштуваат дека правниот статус на Груевски во Македонија останува непроменет и дека институциите постапуваат согласно домашното и меѓународното право.

Темата повторно стана актуелна по медиумските тврдења дека Груевски наводно поседува и унгарско државјанство. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата засега нема официјална потврда за тие наводи.

CATEGORIES
TAGS
Share This