ИРАН СО ЖЕСТОК ДЕМАНТ „Валкана бомба“ во Вашингтон? Техеран го обвини Израел за опасна пропаганда

По извештајот на CNN за наводни планови за напад со радиоактивна бомба, иранскиот врв ги отфрли обвинувањата и направи паралела со лажните тврдења за оружје за масовно уништување пред инвазијата врз Ирак во 2003 година.

ИРАН СО ЖЕСТОК ДЕМАНТ „Валкана бомба“ во Вашингтон? Техеран го обвини Израел за опасна пропаганда
Фото: Принтскрин

Иран остро ги отфрли медиумските извештаи дека Техеран наводно планира да употреби таканаречена „валкана бомба“ во Вашингтон, оценувајќи ги обвинувањата како неосновани и дел од пропагандна кампања против земјата. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи денеска ги демантираше наводите објавени од американската телевизиска мрежа CNN, додека шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи директно ја обвини Израел дека стои зад ширењето на ваквите информации.

Претходно CNN, повикувајќи се на добро информирани извори, објави дека според американските разузнавачки проценки, Техеран развива планови за потенцијално детонирање „валкана“ бомба во Вашингтон.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ги отфрли обвинувањата и оцени дека медиумските извештаи се дел од организирана кампања.

„Во изминатите 72 часа, произраелските медиуми објавија дека Иран наводно планира да употреби хемиско оружје во Вашингтон, а во исто време да гради ракетни бази под браните. Глупости“, напиша Аракчи на социјалните мрежи, пренесе „Ал Џезира“.

Тој направи паралела со информациите за наводното постоење оружје за масовно уништување во Ирак, кои беа користени како оправдување за американската инвазија во 2003 година. Според Аракчи, и актуелните обвинувања имаат „јасни израелски траги“.

Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф исто така реагираше на извештајот на CNN, оценувајќи дека станува збор за обид за создавање оправдување за нова воена ескалација.

„Истите операции со лажно знаме, истото поттикнување на војна, нови логоа. Кредибилитетот на десницата е целосно исцрпен, па затоа пропагандната операција се префрли на „Њујорк тајмс“ и CNN“, напиша Калибаф на платформата X.

Тој упати критики и кон сопственичката структура на медиумите, споменувајќи го Лари Елисон, кого го опиша како голем приватен донатор на израелските вооружени сили и нов сопственик на CNN. Реагирајќи и на извештаите дека Иран наводно развива планови за напад врз високи функционери од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Калибаф порача дека „заробувањето на медиумите е во полн ек“.

Во меѓувреме, генерал-мајор Ахмад Вахиди, началник на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC), изјави дека Иран им нанел тежок удар на плановите на САД и Израел за Блискиот Исток. Во изјава за иранската новинска агенција „Тасним“, Вахиди оцени дека Вашингтон се наоѓа во меѓународна изолација.

„Америка никогаш не била во ваква изолација каква што е денес. Побара помош од сите, но од страв од иранската нација тие не ѝ помогнаа“, изјави Вахиди.

Тој додаде дека иранската армија му нанела тежок удар на она што го нарече „ароганција на суперсилата“.

Наводите за потенцијален напад со „валкана“ бомба засега остануваат предмет на спротивставени тврдења: CNN се повикува на американски разузнавачки извори, додека Техеран категорично ги негира и ги оценува како пропаганда.

CATEGORIES
Share This