ДАНОКОТ НЕ ПРЕПОЗНАВА МАКЕДОНЦИ И АЛБАНЦИ Димитриеска-Кочоска со порака од Собранието
Министерката предупреди да не се создаваат етнички тензии околу даночните обврски. УЈП има законска можност да утврдува неплатени даноци за пет години наназад.

Даночните обврски се исти за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, а клучното прашање е дали данокот е платен или не. Ова е пораката што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја упати од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со даночните обврски на граѓаните.
Таа порача дека не треба да се мешаат етничките прашања со даночните обврски, нагласувајќи дека законот важи подеднакво за сите и не прави разлика меѓу Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи и припадници на другите етнички заедници.
„Кога станува збор за даночни обврски, немојте да мешате етнички припадности. Сите граѓани сме еднакви во оваа држава, од многу аспекти, а па за данокот посебно. Тука нема третман. И не се само Македонци и Албанци во оваа држава. Има и Турци, има и Срби, има и Власи. Законот јасно кажува“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи дека Управата за јавни приходи е институцијата која постапува согласно закон и дека во изминатиот период повеќепати ги информирала граѓаните за нивните даночни обврски.
Димитриеска-Кочоска објасни дека даночните обврски можат да се утврдуваат и наплатуваат за период од пет години наназад, согласно законските одредби, нагласувајќи дека во овој случај не станува збор за ретроактивна примена на законот.
Според неа, доколку граѓаните имале приливи на своите сметки за кои имале обврска да пријават и платат данок, а тоа не го направиле, УЈП има обврска во законскиот рок да ги констатира неплатените обврски и да побара нивно подмирување.
„Тоа што некогаш не се преземале контроли, а сега се преземаат, тоа е одлука, најверојатно на луѓето кои што работеле и по регионалните дирекции и тоа требало да го направат во моментот кога констатирале дека има одредени приливи на сметките кај граѓаните, а притоа тие истите граѓани, иако се должни согласно закон да ги пријават даночните обврски, не ги пријавиле“, нагласи министерката.
Таа повтори дека даночните стапки и обврски важат за сите граѓани и повика од ова прашање да не се создаваат етнички тензии. Пораката на министерката е јасна: етничката припадност не ослободува никого од плаќање данок, а секој што има неплатени даночни обврски мора да ги подмири согласно законот.

