ИРАН ПОДГОТВУВА ОДМАЗДА На нишан американски бази во Европа, се споменува и Бугарија
Техеран наводно разгледува напади врз американски воени објекти и стратешка инфраструктура, додека Трамп вели дека нема закажани разговори со Иран.

Иран разгледува можност за напади врз американски воени објекти во Европа доколку американскиот претседател Доналд Трамп одлучи дополнително да ја ескалира војната, тврдат извори блиски до иранскиот режим за „Фајненшл тајмс“.
Според два извора запознаени со размислувањата во Техеран, меѓу потенцијалните цели се разгледуваат американски објекти во Југоисточна Европа. Меѓу нив се споменува и Бугарија, која минатиот месец одобри користење на воздухопловната база Безмер за полнење гориво на американски воени авиони.
Како можна цел за одмазднички напад се разгледува и Кипар. Иран наводно анализирал и можност за напади врз подводните оптички кабли во Хормутскиот теснец доколку дојде до нова ескалација.
Според изворите, ваквите планови укажуваат дека дел од иранското раководство се подготвува за продолжување на конфликтот и во моментов не го гледа прекинот на борбите како реална опција.
Во меѓувреме, разговорите за повторно отворање на Хормутскиот теснец се во застој. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, минатата недела постави тврдокорни функционери на клучни безбедносни и воени позиции.
Експертите оценуваат дека со овие потези одлучувачката улога на луѓето кои се залагаат за преговори, меѓу кои и Мохамед Багер Галибаф, главниот преговарач на Иран, станува сè помала, додека шансите за траен договор дополнително се намалуваат.
Поранешниот командант на Иранската револуционерна гарда, Мохсен Резаи, во меѓувреме е назначен за највисок безбедносен функционер во земјата.
„Иран испраќа јасна порака дека ако САД не постигнат договор со Галибаф, ќе мора да се справат со Резаи. Пораката е: Немојте да се правите луди, бидејќи ние сме полуди од вас“, изјавил изворот за „Фајненшл тајмс“.
Трамп во вторникот изјави дека во моментов нема „разговори во тек или закажани“ со Техеран.
ИРАН ПОДГОТВУВА НАПАДИ ВО ЕВРОПА – НАТО со итна порака: Подготвени сме

