ИНФЛАЦИСКИ ШОК ВО ЕУ Романија на врвот, еве што се случува со цените во регионот

Романија со 8,2% инфлација е убедливо на врвот, додека и Бугарија, Хрватска и Словенија бележат повисоки стапки од еврозоната.

ИНФЛАЦИСКИ ШОК ВО ЕУ Романија на врвот, еве што се случува со цените во регионот
Фото: Принтскрин

Годишната стапка на инфлација во еврозоната во јули достигна 2,9 проценти, што е зголемување во однос на 2,8 проценти во јуни. Во истиот период, Романија ја забележа највисоката инфлација меѓу земјите-членки на Европската Унија – 8,2 проценти, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Во јули минатата година, инфлацијата изнесувала 2 проценти во еврозоната и 2,4 проценти во целата ЕУ.

Меѓу земјите од Југоисточна Европа кои се членки на ЕУ, највисока инфлација по Романија имала Бугарија со 4,4 проценти. Следуваат Хрватска со 3,6 проценти, Словенија со 3 проценти и Грција со 2,7 проценти.

На месечно ниво, во јули инфлацијата се намалила во Грција за 1,4 процентни поени и во Словенија за 0,3 процентни поени. Од друга страна, во Бугарија и Хрватска таа се зголемила за 0,6 процентни поени, додека во Романија пораснала за 0,4 процентни поени.

Според Евростат, во јули услугите, енергијата, неенергетските индустриски производи, како и храната, алкохолот и тутунот придонеле за годишната инфлација во еврозоната.

Во однос на јуни, годишната инфлација се намалила во 15 земји-членки, останала непроменета во три, а се зголемила во девет земји.

Најниски стапки во јули се регистрирани во Шведска од 0,3 проценти, Чешка од 1,3 проценти, како и Данска и Унгарија со по 1,6 проценти.

На спротивниот крај се Романија со 8,2 проценти, Литванија со 5,4 проценти, а Бугарија и Кипар со по 4,4 проценти.

CATEGORIES
Share This