ИНЦИДЕНТ ВО КАНАДА – Иран на работ да го пропушти Мундијалот

Скандалот со задржувањето на иранскиот фудбалски лидер ја отвора темата за можни последици врз настапот на репрезентацијата.

ИНЦИДЕНТ ВО КАНАДА – Иран на работ да го пропушти Мундијалот
Фото: Принтскрин

Учеството на фудбалската репрезентација на Иран на Светското првенство 2026 станува сè понеизвесно, по серија настани што ја вознемирија нивната делегација за време на Конгресот на ФИФА во Ванкувер.

Според информациите, претседателот на Иранската фудбалска федерација, Мехди Таџ, бил задржан од граничните служби на аеродромот во Ванкувер и не успеал да присуствува на конгресот, иако бил официјално поканет. Причината, наводно, е тоа што имал само привремена дозвола за влез, поврзана со претходни сомнежи за негови врски со Иранската револуционерна гарда.

Овој инцидент дополнително ги усложнува односите меѓу Иран и организаторите на Мундијалот, бидејќи САД и Канада веќе применуваат строги правила за влез на лица поврзани со таа организација. Американските власти претходно најавија дека таквите лица нема да добијат визи за влез на нивна територија за време на турнирот.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, претходно уверуваше дека ќе се обезбедат услови за учество на сите репрезентации, но актуелните случувања покажуваат дека визите и безбедносните ограничувања и понатаму претставуваат сериозен проблем.

Во меѓувреме, во медиумите се појавија и шпекулации дека доколку Иран се повлече од турнирот, неговото место би можеле да го заземат Италија или Обединетите Арапски Емирати.

Иран е во групата Г, заедно со Белгија, Египет и Нов Зеланд, а натпреварите треба да се играат во Лос Анџелес и Сиетл.

Сè поизвесно е дека политичките и административните пречки би можеле сериозно да го доведат во прашање нивниот настап на најголемата фудбалска сцена во светот.

CATEGORIES
TAGS
Share This