ИНЦИДЕНТ ПРЕД МУНДИЈАЛОТ Ирачкиот капитен задржан седум часа, телефон детално проверуван
Детална проверка на мобилниот телефон и повеќечасовно испрашување пред конечно да добие дозвола за влез во САД

Ирачкиот напаѓач Ајмен Хусеин бил задржан и испрашуван околу седум часа на аеродромот „О’Хара“ во Чикаго по пристигнувањето со националниот тим за Светското првенство.
Според информации од ирачки спортски функционер близок до репрезентацијата, Хусеин бил подложен на детална проверка, при што му бил прегледан мобилниот телефон, по што следело повеќечасовно испрашување. По завршувањето на постапката, 30-годишниот фудбалер добил дозвола за влез во САД.
Досега ниту Ирачката фудбалска федерација ниту самиот играч не се огласиле за инцидентот, а американските имиграциски служби не дале официјално објаснување.
Сепак, посериозни проблеми имал фотографот на репрезентацијата, Талал Салах, кој бил задржан повеќе од десет часа. По проверката на неговиот телефон, му бил одбиен влез во земјата и тој нема да биде дел од ирачката експедиција на турнирот.
И покрај овие непријатности, доаѓањето на репрезентацијата било проследено со голем интерес од навивачите, кои во раните утрински часови се собрале на аеродромот за да ги поздрават играчите.
Ирак се враќа на Светско првенство по пауза од 40 години, а големи очекувања се врзуваат за Ајмен Хусеин, стрелецот чиј гол го однесе националниот тим на мундијалот.
Покрај него, во нападот се и Али Ал-Хамади, Али Џасим и Јусуф Амин. Ирак ќе настапи во групата И, каде ќе се соочи со Франција, Сенегал и Норвешка.
Светското првенство, кое заеднички го организираат САД, Канада и Мексико, започнува следната недела.


