ХАОС ВО БАЗАТА Ирански ракети погодија американски цели, има повредени
Инцидентот се случува во време на преговори за продолжување на примирјето.

Иранските напади со балистички ракети врз кувајтската воздухопловна база во последните 24 часа предизвикаа полесни повреди кај неколку американски војници и сериозно оштетување на најмалку два дрона MQ-9 Reaper, додека американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за договор за продолжување на кревкото примирје.
Според информации пренесени од лице запознаено со инцидентот, кое зборувало за „Блумберг“ под услов да остане анонимно, противвоздушната одбрана на Кувајт пресретнала ракета Fateh-110. Сепак, остатоците од ракетата паднале врз воздухопловната база Али Ал Салем.
Во инцидентот, околу пет лица и меѓу кои воен персонал и приватни изведувачи се здобиле со полесни повреди. Еден дрон MQ-9 Reaper е целосно уништен, а најмалку уште еден е сериозно оштетен. Вредноста на ваков летала се проценува на околу 30 милиони долари.
Овој напад се случува во момент кога САД разгледуваат договор за продолжување на нестабилното примирје воспоставено во април. И покрај тоа, двете страни продолжуваат со меѓусебни напади во истиот период.
Претседателот Трамп во објава на социјалните мрежи изјави дека е подготвен да донесе конечна одлука за прелиминарниот договор, но состанокот во кризната соба во Белата куќа, кој траел два часа, завршил без официјално соопштение, пренесува „Блумберг“.
Според официјалните податоци, досега во конфликтот загинале 14 американски војници, а 409 се повредени.
Американската војска во меѓувреме потрошила значајни количини високопрецизна муниција, меѓу кои ракети JASSM-ER, Tomahawk, како и системи за противвоздушна одбрана THAAD, Patriot PAC-3 и SM-3 Block IIA.
Иранската ракета Fateh-110, која е балистичка ракета со краток дострел, може да носи бојна глава од околу 500 килограми. Според извештаи, Техеран истрелал повеќе од 1.850 балистички ракети кон цели во регионот од почетокот на конфликтот на 28 февруари.
