ХАМНЕИ СО ДИРЕКТНА ПОРАКА ДО ЗАЛИВОТ Препознајте го вистинскиот непријател и спротивставете му се
Иранскиот врховен лидер повика на единство на муслиманските земји и го обвини Вашингтон и Израел дека работат против исламското единство.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, упати порака до земјите од Персискиот Залив, повикувајќи ги да го препознаат, како што наведе, „вистинскиот непријател“, да ги разберат неговите планови и да му се спротивстават.
Пораката, објавена на неговиот канал на Телеграм по повод роденденот на пророкот Мухамед, содржи повик за единство меѓу муслиманите, заедничка одбрана и поголема соработка меѓу исламските земји.
Хамнеи оцени дека муслиманите денес можат да одиграат значајна улога во менувањето на текот на историјата.
„Перспективата за конечна победа на вистината над невистината и на исламот над неверието е поблиску до остварување од кога било досега“, порача тој.
Според иранскиот лидер, првиот услов за постигнување на оваа цел е единството на муслиманите. Тој предупреди дека секој што придонесува за поделби меѓу муслиманите, без оглед дали тоа го прави свесно или несвесно, „ја исполнува целта на непријателите на исламот“.
Во пораката, Хамнеи директно им се обратил и на владетелите на исламските земји, особено на оние во Западна Азија и регионот на Персискиот Залив.
„Запознајте го вашиот вистински непријател, разберете го неговиот заговор и спротивставете му се“, навел тој.
Хамнеи ги обвини САД и Израел дека се, како што ги нарече, „заколнати непријатели на исламското единство“, додавајќи дека нивните активности не се насочени само против Иран и таканаречениот „Фронт на отпорот“, туку и против муслиманските народи во Западна Азија и Северна Африка.
Тој повика на поголема соработка меѓу муслиманските земји во областа на економијата, безбедноста, науката и развојот. Според него, таквата соработка би можела да придонесе кон создавање „нова исламска цивилизација“.
Хамнеи истовремено ја повика и иранската јавност да не дозволи внатрешни поделби и оцени дека единството во земјата веќе е постигнато „во прифатлива мера“.

