ХАКЕРСКИ УПАД ВО ПЕНТАГОН „Истекле“ податоци за повеќе од 3 милиони луѓе
Компромитирани броеви на социјално осигурување и други чувствителни лични информации.

Неовластени хакерски напади врз информативниот систем на Пентагон во периодот од октомври 2025 до јули 2026 година довеле до откривање на чувствителни лични податоци за 2,76 милиони живи и околу 294.000 починати лица, соопшти денеска претставник на американското Министерство за одбрана.
Меѓу компромитираните информации имало броеви на социјално осигурување, како и податоци за работните места што ги извршувале засегнатите лица.
Станува збор за информативниот систем на Центарот за податоци за човечки ресурси (DMDC) на Министерството за одбрана. Системот содржи податоци за активни и резервни припадници на американската војска, цивилни вработени, изведувачи, ветерани и членови на семејства на воени лица.
Базата на податоци содржи повеќе од 60 милиони записи за персоналот.
Според службеникот, до личните податоци пристапил мал број неовластени корисници. Ранливоста била откриена и веднаш отстранета од страна на DMDC, објавува ABC News.

