ХАГ ПРЕСЕЧЕ Тачи и Красниќи по 25, Весели 18, Селими 13 години затвор – 81 година за четворицата лидери на ОВК

Обвинителството бараше по 45 години затвор за секој од обвинетите, Првостепените пресуди доаѓаат по повеќе од три години судење.

ХАГ ПРЕСЕЧЕ Тачи и Красниќи по 25, Весели 18, Селими 13 години затвор – 81 година за четворицата лидери на ОВК
Фото: Принтскрин

Специјализираниот суд за Косово со седиште во Хаг денеска ги осуди четворицата поранешни високи лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими на вкупно 81 година затвор за воени злосторства.

Хашим Тачи и Јакуп Красниќи добија по 25 години затвор, Кадри Весели е осуден на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор. Во казните ќе биде пресметано и времето што четворицата го поминале во притвор.

Судскиот совет ги прогласи обвинетите за виновни за воени злосторства поврзани со незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство.

Според пресудата, четворицата се одговорни за незаконско лишување од слобода на најмалку 385 лица, сурово постапување кон најмалку 49 лица, тортура врз најмалку 303 лица и убиство на најмалку 96 лица.

Судијата Чарлс Смит, кој претседаваше со Судскиот совет, оцени дека злосторствата биле сериозни и широко распространети и дека опфатиле 14 општини во Косово и два округа во северниот дел на Албанија.

Тачи и Красниќи – по 25 години

Хашим Тачи е осуден на единствена казна од 25 години затвор. Советот утврди дека тој имал клучна улога во формулирањето и спроведувањето на заедничката казнива цел на ОВК.

За Тачи беа утврдени поединечни казни од 15 години за незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, четири години за сурово постапување, 20 години за тортура и 23 години за убиство.

Како отежнувачка околност, Судскиот совет го наведе неговото злоупотребување на положбата, додека како олеснителен фактор бил земен неговиот придонес во основањето на Специјализираните совети.

Судот констатираше и дека Тачи бил информиран за бројни кривични дела, но не презел мерки за нивно спречување, истрага или казнување на сторителите.

Јакуп Красниќи, исто така, е осуден на 25 години затвор за незаконско или произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство. За него биле утврдени поединечни казни од 15, четири, 20 и 23 години, кои се обединети во единствена казна од 25 години.

Весели доби 18, Селими 13 години

Кадри Весели е осуден на единствена казна од 18 години затвор. Судот го прогласи за виновен за незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство.

За Весели беа определени поединечни казни од 10 години за лишување од слобода, три години за сурово постапување, 13 години за тортура и 16 години за убиство.

Реџеп Селими е осуден на 13 години затвор. Судскиот совет му одреди шест години за незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, две години за сурово постапување, осум години за тортура и 11 години за убиство.

Ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото

И покрај пресудите за воени злосторства, Судскиот совет заклучи дека обвинителството не ги докажало надвор од разумно сомнение обвиненијата за злосторства против човештвото.

Четворицата се ослободени од делови од обвинението што се однесуваат на прогон, затворање и други нехумани дејствија, тортура, убиства и присилни исчезнувања како злосторства против човештвото.

Процесот траеше повеќе од три години

Судењето на Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими започна на 3 април 2023 година, а денешните пресуди се првостепени.

Обвинителството во завршните зборови побара по 45 години затвор за секој од обвинетите, додека одбраната побара ослободителни пресуди, тврдејќи дека обвиненијата не биле докажани.

Според обвинението, меѓу жртвите биле лица кои не ја поддржувале ОВК, вклучително Срби, Роми, Ашкалии, како и Албанци за кои ОВК сметала дека се поврзани со политички противници или не ја поддржувале организацијата.

На изрекувањето на пресудите во судницата присуствувале членови на семејствата на обвинетите, косовски функционери, претставници на поранешните припадници на ОВК и пратеници од Демократската партија на Косово.

Четворицата осуденици за време на војната биле меѓу политичките и воените лидери на ОВК, а по војната заземале високи политички функции во Косово. Хашим Тачи подоцна беше премиер и претседател на Косово.

CATEGORIES
TAGS
Share This