ГУЖВИ НА ГРАНИЦИТЕ: До 40 минути чекање на Богородица, Дојран и Табановце
Зголемена е фреквенцијата на возила кон соседните земји, а возачите се предупредуваат и на можни одрони на повеќе патни правци низ Македонија.

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено по суви коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Според последните информации, интензитетот на сообраќајот е зголемен на патните правци надвор од градските средини, а најголеми задржувања има на неколку гранични премини.
На ГП Богородица и ГП Дојран за излез од државата се чека околу 40 минути, додека на ГП Табановце за влез во државата времето на чекање е исто така околу 40 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Од АМСМ потсетуваат дека на грчката страна од граничните премини времето на чекање често варира и вообичаено е подолго.
Возачите се повикуваат да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците каде постои опасност од одрони.
Зголемена претпазливост се препорачува на патните правци:
- Катланово – Велес,
- Маврово – Дебар – Струга,
- Виница – Берово,
- Кочани – Делчево.
Воедно, АМСМ потсетува дека од 15 април патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е повторно отворен за сообраќај за сите видови возила со маса до 3,5 тони, согласно сезонскиот режим на сообраќај.


