ГУСТ ДНЕВЕН РЕД ВО СОБРАНИЕТО – Пратенички прашања, ратификации, избори и законски измени
Пратеничките прашања ќе го отворат собранискиот ден, пред разгледувањето на обемниот дневен ред.

Собранието денеска ја одржува првата пленарна седница по завршувањето на Локалните избори. Пред почетокот на 70. седница, премиерот и министрите во рок од два часа ќе одговараат на прашања поставени од опозициските пратеници.
На предлог-дневниот ред на 70. седница се најдоа повеќе точки, меѓу кои: верификација на мандати на нови пратеници; предлог за именување на член на Фискалниот совет; избор на членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност; избор на членови на Националниот совет за високото образование и научно-истражувачката дејност; избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата; Предлог-закон за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Азербејџан за визно ослободување на носители на дипломатски и службени пасоши и Предлог-закон за ратификација на измените на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка.
Во прво читање ќе се разгледуваат измените и дополнувањата на повеќе закони, меѓу кои: Законот за правата на заедниците помалубројни од 20% од населението; Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; Законот за данок на додадена вредност; Законот за гранична контрола и Предлог-закон за претворање на побарувањата на државата по основ на јавни давачки во траен влог во Јавното претпријатие за стопанисување со спортските објекти – Скопје.
По завршувањето на 70. седница, Собранието ќе продолжи со преостанатите точки од 19. седница. На дневен ред се: Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2025 година и Предлог-одлуката за давање согласност на висината на месечниот надомест што Агенцијата ќе го наплатува од пензиските друштва во 2025 година.


