ГРАНТОВИ ДО 615.000 ДЕНАРИ Кој сè може да добие пари за сопствен бизнис?
Владата го усвои Оперативниот план за вработување за 2026 година со буџет од над 40 милиони евра.

Владата денеска го презентираше и усвои Оперативниот план за вработување за 2026 година, документ со кој се предвидуваат мерки за зголемување на вработеноста, поддршка на пазарот на трудот и зајакнување на домашната економија.
Планот го претставија министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија Аднан Ејуп, кои истакнаа дека целта е отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
За реализација на предвидените активности се обезбедени над 40 милиони евра, а се очекува директна поддршка да добијат повеќе од 10.000 лица низ државата. Посебен акцент е ставен на младите, долгорочно невработените, лицата со попреченост, корисниците на социјална помош и жените.
Министерот Дурмиши нагласи дека клучната цел останува создавање реални можности за вработување и економско зајакнување на граѓаните, при што дел од мерките се насочени кон самовработување и стартување сопствен бизнис.
Во рамки на планот, младите ќе можат да аплицираат за грантови до 615.000 денари за започнување сопствен бизнис. Предвидена е и поддршка за повратници од странство кои сакаат да инвестираат во бизнис во земјата, како и за компании што отвораат нови работни места.
Дополнително, оперативниот план опфаќа практикантства, обуки и мерки за дефицитарни занимања, со цел полесно вклучување на невработените на пазарот на труд и унапредување на нивните вештини.
