ГОРАТ 11 ПОЖАРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА Огнот се шири на повеќе локации
ЦУК регистрира 17 пожари на отворен простор до 13 часот: три се под контрола, а три се целосно изгаснати.

До 13 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор, од кои 11 се активни, три се ставени под контрола, а три се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари има во повеќе општини. Во Студеничани и Зелениково гори на потегот од селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и над Вражале, каде е зафатена мешана шума. Пожар има и кај селото Цветово, по стариот пат кон Елово, каде гори ниска вегетација и шума.
Во Македонски Брод активни се пожарите во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, со зафатена ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки. Во Кичево гори високостеблеста букова шума кај селото Тајмиште, во месноста Дарда.
Пожари има и кај селото Ломница во Општина Врапчиште, селото Церово во Маврово и Ростуше, како и во селото Церово во Општина Желино. Активни се и пожарите кај селата Бонче, Мажунчиште и Коњари во Прилепско, како и кај селото Водоча во Струмица, каде гори стрниште.
Под контрола се пожарите кај селото Чаниште во Прилепско, со краци кон Крушевица, Лопатица, Дуње и Црна Река, потоа кај селото Никуштак во Липково и кај селото Бродец во Тетовско.
Целосно изгаснати се пожарите кај селото Белушино во Крушево, со крак кон Јакреново, на месноста Стари Лозја во Куманово и на депонијата во Делчево.

