САЛА ОД 400 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЌЕ НИКНЕ ВО БЕЛАТА КУЌА Врховниот суд застана зад Трамп
По судската блокада, администрацијата доби привремено зелено светло за продолжување на изградбата на мегапроектот.

Врховниот суд на САД привремено ѝ дозволи на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да продолжи со изградбата на големата балска сала во Белата куќа, вредна околу 400 милиони долари.
Одлуката го суспендираше налогот на понискиот суд со кој требаше да се запре најголемиот дел од надземните градежни работи. Врховниот суд сега ќе има време да го разгледа барањето на администрацијата за продолжување на работите додека трае судскиот спор.
Администрацијата се повикува на националната безбедност
Министерството за правда во поднесокот до Врховниот суд ги повтори тврдењата на Трамп дека проектот не е само архитектонска инвестиција, туку и прашање на национална безбедност. Според администрацијата, комплексот вклучува обезбедени простории, подземни објекти, засолништа, медицински капацитети и системи за заштита од беспилотни летала и ракетни напади.
Властите наведуваат дека проектот досега е завршен околу 65 проценти.
Судски спор околу законитоста на проектот
Изградбата е предмет на судски спор што го покрена Националниот фонд за историско зачувување. Организацијата тврди дека администрацијата го срушила Источното крило и започнала со изградба на објектот без потребното одобрение од Конгресот.
Апелациониот суд за округот Колумбија на 7 август ја потврди одлуката со која се наложува запирање на надземните работи.
Во образложението судот оцени дека претседателот не може самостојно и без одобрение од Конгресот суштински да ја менува Белата куќа, нагласувајќи дека аргументите поврзани со националната безбедност не значат автоматско ослободување од законските процедури.
Сепак, одлуката не предвидуваше целосен прекин на проектот. Подземните работи и активностите неопходни за безбедноста на Белата куќа можеа да продолжат.
Трамп ја поздрави одлуката
Трамп претходно остро го критикуваше налогот на понискиот суд, оценувајќи го како политички мотивиран. Тој тврдеше дека прекинот на изградбата би ја загрозил безбедноста на претседателот, службениците и посетителите на Белата куќа.
Од Националниот фонд за историско зачувување, пак, побараа Врховниот суд да не го прифати барањето на администрацијата и истакнаа дека повеќе судови досега оцениле оти за ваков проект е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп сака да ја преобликува Белата куќа
Балската сала е дел од пошироките планови на Трамп за промена на изгледот на Вашингтон и на комплексот на Белата куќа. Во неговите планови се вклучени и други големи градежни проекти, меѓу кои изградба на монументални лакови и реконструкција на Центарот „Кенеди“.
Источното крило, кое беше срушено за да се отвори простор за новиот комплекс, првично било изградено во 1902 година за време на претседателот Теодор Рузвелт, а значително проширено во 1942 година, за време на мандатот на Френклин Рузвелт.
Во него се наоѓаа и канцеларијата на првата дама и киното на Белата куќа.

