ГОЛЕМА ЗАПЛЕНА ВО ФРАНЦИЈА Македонец фатен со 68 килограми кокаин во камион, МВР открива детали за акцијата

Француската полиција заплени 68 килограми кокаин во товарно возило управувано од 44-годишен македонски државјанин.

ГОЛЕМА ЗАПЛЕНА ВО ФРАНЦИЈА Македонец фатен со 68 килограми кокаин во камион, МВР открива детали за акцијата
Фото: Принтскрин

Голема меѓународна полициска акција во Франција резултираше со заплена на 68 килограми кокаин, откриени во товарно моторно возило управувано од македонски државјанин.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, дрогата била пронајдена на наплатната станица Фонтен, на француска територија, во камион зад чиј волан бил М.Ф. (44), државјанин на Македонија. Според МВР, успешната акција е резултат на навремена размена на оперативни информации и координирана меѓународна полициска соработка.

Информациите биле обезбедени од Одделот за криминалистичка полиција, односно Единицата за недозволена трговија со дрога, а потоа преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле проследени до надлежните органи во Франција. Врз основа на доставените сознанија, француските власти ја реализирале акцијата во која биле откриени и запленети 68 килограми кокаин.

Од МВР нагласуваат дека ова е втора успешна меѓународна полициска акција во период од еден месец. На претходната акција, реализирана во соработка со грчката полиција, биле запленети 324 килограми марихуана.

„Овие резултати ја потврдуваат ефикасноста на меѓународната полициска соработка и континуираната посветеност на МВР во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со дрога“, порачуваат од Министерството.

Со двете акции, во период од еден месец, биле запленети вкупно 392 килограми наркотична дрога, како резултат на меѓународната полициска соработка во која учествувале македонските полициски служби.

CATEGORIES
Share This