ГАЗДАТА НА ПУЛС ПРЕДЛОЖЕН ЗА СВЕДОК Нови детали на судењето на деветмината обвинети полицајци
Одбраната на обвинетиот Боби Гидиоски побара сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов - Деко, да сведочи за околностите поврзани со издавањето на лиценцата и евентуалните контакти со обвинетиот.

Во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против деветмината полициски службеници обвинети во предметот поврзан со дискотеката „Пулс“ во Кочани. На рочиштето, одбраната ги образложуваше доказните предлози и листите на сведоци со кои ќе се обиде да ги оспори наводите од обвинението.
Меѓу предложените сведоци е и сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов – Деко, чие сослушување го побара одбраната на обвинетиот Боби Гидиоски.
Адвокатот Бранко Колев, бранител на Гидиоски, посочи дека Јованов треба да биде сослушан за да се расветлат околностите поврзани со наводите на Обвинителството за стекнување противправна имотна корист, како и за тоа дали се познавал и имал контакти со обвинетиот. Колев информираше дека одбраната предложила околу 16 материјални докази и осум сведоци, меѓу кои и сопственикот на „Пулс“.
Дел од предложената документација се однесува на работењето на Министерството за внатрешни работи, односно СВР Штип, додека останатите документи се поврзани со информации за проблемите во дискотеката. Адвокатот се осврна и на службена информација за проблемите со објектот, доставена од ОВР Кочани, за која во своето образложение изнесе наводи дека била прикриена.
Покрај предложените материјални докази и сведоци, бранителите побараа и нивните клиенти да бидат сослушани во својство на сведоци, со цел да ги изнесат своите сознанија и да одговорат на околностите наведени во обвинението.
Според Обвинителството, деветмината полициски службеници се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањата, со што наводно придонеле дискотеката „Пулс“ да добие и да користи лиценца за работа издадена од Министерството за економија.
Обвинителството тврди дека обвинетите не ги спровеле целосно потребните проверки за исполнување на законските и безбедносните услови, а сепак овозможиле да биде дадена согласност во постапката за лиценцирање на објектот.
Јавната обвинителка Спасенка Андонова најави дека на следното рочиште, закажано за утре, ќе се произнесе поединечно за доказните предлози на одбраната.
Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова.
Со продолжувањето на доказната постапка, судот треба да ги разгледа предложените докази и да одлучи кои сведоци ќе бидат сослушани во натамошниот тек на постапката, во која се утврдува евентуалната кривична одговорност на деветмината полициски службеници во случајот поврзан со дискотеката „Пулс“ во Кочани.

