ГОЛЕМА РЕФОРМА – Нови специјализации за подобро здравство
Интернистите и хирурзите ќе добијат поширока обука и практични вештини.

Реформата на здравствениот систем носи значајни промени во еден од клучните сегменти како што е системот на специјализации и супспецијализации, кој директно влијае врз квалитетот на здравствените услуги за граѓаните. Ова го истакна министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција, на која беа презентирани новите програми.
Според направените анализи, постојниот систем создава тесно профилирани специјалисти со ограничена практична применливост, особено во итната и интензивната медицина. Истовремено, се бележи зголемен притисок врз терцијарното здравство и неусогласеност со современите европски образовни модели.
Затоа, реформата се фокусира на две клучни области, интерната медицина и општата хирургија.
Во интерната медицина се воведува засилена практична обука, со акцент на ургентната медицина и интензивната нега. Новина е и воведувањето на POCUS (point-of-care ултразвук) како задолжителна вештина за секој интернист, како и дефинирање на минимален број практични интервенции. Со тоа, специјалистите ќе добијат поголема автономија во секојдневната работа и ќе бидат подготвени самостојно да управуваат со комплексни случаи на секундарно ниво.
Во делот на општата хирургија се воведува петгодишен, европски усогласен курикулум со широка хируршка основа и мултисистемски пристап. Паралелно, се унапредува системот на тријажа и се создава основа за понатамошна супспецијализација. Целта е да се создаде флексибилен хирург кој може да одговори на реалните потреби, особено во болниците надвор од главниот град.
Очекуваните ефекти од реформата се подобра достапност до квалитетна здравствена услуга, намалување на упатувањата кон терцијарното ниво, зголемена безбедност на пациентите и поефикасно користење на човечките ресурси.
Дополнително, предвиден е транзициски период од три години во кој лекарите ќе можат да преминат од старите на новите програми. За веќе специјализираните кадри се воведуваат едногодишни програми за усогласување, како и двегодишни програми за надградба.
Министерот нагласи дека стратешката цел е враќање кон пошироки базични специјализации, со супспецијализација како надградба, како и воспоставување баланс меѓу општи специјалисти и тесно профилирани експерти.
Оваа реформа не е само образовна, туку и суштинска системска промена, насочена кон зајакнување на секундарното здравство, подобра искористеност на ресурсите и создавање на покомплетен и пофлексибилен медицински кадар подготвен да одговори на реалните потреби на пациентите.
На прес-конференцијата за значењето на реформата говореа и претставници од медицинската академска заедница и Лекарската комора.
