ГОЛЕМА РЕФОРМА – Министерството отвори јавна расправа, се подготвува европски модел во здравството

Повик до стручната јавност и институциите за активно учество во расправата.

ГОЛЕМА РЕФОРМА – Министерството отвори јавна расправа, се подготвува европски модел во здравството
Фото: Принтскин

Министерството за здравство го објави Предлог-законот за медицински средства на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со што започнува јавната расправа за едно од клучните законски решенија во рамки на пошироката реформa што опфаќа измени на 12 закони во здравствениот сектор.

Со новиот предлог, областа на медицинските средства се издвојува од досегашниот заеднички закон со лековите и добива посебна, посистематизирана правна рамка. Целта е појасно уредување на специфичностите на оваа област и поголемо усогласување со европското законодавство.

Законот предвидува приближување кон регулативите на Европската Унија 2017/745 и 2017/746, со што се воспоставуваат појасни правила за производство, испитување, увоз, дистрибуција, контрола и употреба на медицински средства. Дополнително, се прецизираат постапките и документацијата, како и надлежностите на институциите вклучени во процесите.

Една од значајните новини е дигитализацијата на процедурите, со што се очекува поголема ефикасност, подобра прегледност и побрза обработка на документацијата преку електронски услуги.

Посебен акцент е ставен и на клиничките испитувања, со цел да се зајакне правната сигурност и заштитата на учесниците, преку гарантирање на нивните права, безбедност и достоинство.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека објавувањето на законот претставува важен чекор во процесот на модернизација и европско усогласување на здравствениот систем.

„Со новиот Закон за медицински средства се воспоставува посовремен и поефикасен систем, усогласен со европските стандарди и практично применлив за институциите и здравствените работници, со фокус на заштита на јавното здравје“, изјави Алиу.

Од Министерството за здравство ги повикуваат стручната јавност, институциите, здруженијата, академската заедница и граѓанските организации да се вклучат во јавната расправа преку ЕНЕР, со цел финалниот текст да биде квалитетен, применлив и усогласен со реалните потреби на системот.

CATEGORIES
Share This