ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ПЕКИНГ – САД и Кина најдоа заеднички јазик за Иран и Тајван

Рубио по средбата Трамп–Си изјави дека Вашингтон и Пекинг имаат ист став против милитаризација на Хормутскиот теснец.

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ПЕКИНГ – САД и Кина најдоа заеднички јазик за Иран и Тајван
Фото: Принтскрин

Соединетите Американски Држави и Кина се согласиле дека Хормутскиот теснец не смее да биде милитаризиран ниту да се воведува систем на патарина, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио по средбата меѓу претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг во Пекинг.

Рубио во интервју за NBC News посочи дека кинеската страна го дели ставот на Вашингтон против милитаризација и наплата за користење на стратешки важниот морски премин.

„Кинеската страна изјави дека не е за милитаризација на Хормутскиот теснец и дека не поддржува систем на патарина, а тоа е и нашиот став“, рече Рубио по повеќе од два часа разговори меѓу двете делегации.

Тој додаде дека Трамп и Си Џинпинг „нашле заеднички јазик за Иран“, при што Пекинг повторно го истакнал своето противење на развој на нуклеарно оружје во Техеран. Според него, САД не побарале директна помош од Кина во врска со Иран.

„Ние не бараме помош од Кина. Не ни е потребна нивната помош“, изјави Рубио.

Тој предупреди дека евентуална нестабилност во Хормутскиот теснец би имала сериозни глобални последици, особено врз пазарот на енергија и цените на нафтата.

Рубио истакна дека САД не се изолирани од глобалните движења на цените на нафтата, бидејќи учествуваат на светскиот пазар, но нагласи дека други земји би биле уште потешко погодени.

Во разговорите биле отворени и прашањата за Тајван, една од најчувствителните точки во односите меѓу Вашингтон и Пекинг. Рубио нагласи дека американската политика кон островот останува непроменета и конзистентна со претходните администрации.

Тој додаде дека продажбата на американско оружје за Тајван, вклучително и пакетот од 11 милијарди долари најавен минатиот декември, не била клучна тема на состанокот.

Во однос на Хонг Конг, Рубио ја спомена и состојбата со продемократскиот издавач Џими Лаи, кој е осуден на 20 години затвор. Тој истакна дека претседателот Трамп повеќепати го покренува неговиот случај и изрази надеж за позитивно решение.

„Би биле отворени за секој договор што ќе му обезбеди слобода“, рече Рубио.

Случајот на Лаи, кој е еден од најпознатите критичари на Комунистичката партија на Кина, и понатаму останува симбол на политичките тензии во Хонг Конг.

CATEGORIES
Share This