8.000 ЕВРА ЗА ПРАВДА – Паднаа високи лица во судството
Обвинителството отвори истрага против претседател на суд и судски администратор.

Јавното обвинителство соопшти дека е покрената истрага против претседател на суд и судски администратор, кои се сомничат дека заедно примиле 8.000 евра за незаконско влијание врз судска постапка.
Според обвинителството, предметниот обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција донел наредба за истражна постапка против двете лица за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Тие, како соизвршители, во периодот од јануари 2023 до 2025 година, искористувајќи ја својата службена позиција и влијание, барале и примиле парични средства со цел да интервенираат кај судии во Основниот суд Гостивар и во Апелациониот суд Гостивар.
Се наведува дека на почетокот на 2023 година на странка во граѓанска постапка ѝ било ветено дека за 5.000 евра ќе влијаат врз судија за да се дозволи повторување на постапка по претходно одбиено барање. Подоцна, по неуспешен обид, дополнително побарале уште 3.000 евра за интервенција кај судии од втор степен со цел да се укине одлуката за неповторување на постапката. Исто така, 800 евра биле исплатени како „награда“ за второосомничениот во врска со постапување по документ поврзан со извршител.
Обвинителството до судија на претходна постапка поднело предлог за мерки на претпазливост за двете лица, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиште, обврска за редовно јавување во надлежен орган, одземање на патни исправи или забрана за нивно издавање, како и забрана за вршење активности поврзани со делото.
