НИКОЈ НЕ МОЖЕ САМ – Божиновска испрати силна порака за енергетската безбедност
Министерката Сања Божиновска од Атина порача дека регионалното поврзување е клучно за енергетската безбедност и економската стабилност на земјата.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска од Атина порача дека Северна Македонија сака да биде конструктивен регионален партнер и активен учесник во европската енергетска интеграција, со фокус на стабилна, безбедна и одржлива енергетска иднина за Југоисточна Европа.
Говорејќи на Министерскиот панел „Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition“, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, министерката истакна дека енергетската безбедност денес не може да се гради изолирано.
„Ниту една земја во регионот не може сама да обезбеди енергетска сигурност, а транзицијата нема да биде успешна ако не е стабилна, финансиски достапна и привлечна за инвестиции“, нагласи Божиновска.
Таа посочи дека за земјава целите до 2030 година значат три приоритети: изградба на регионални енергетски интерконекции, поголема интеграција на обновливите извори преку мрежи и системи за складирање, како и обезбедување социјално праведна транзиција.
Божиновска како еден од најважните проекти го издвои гасниот интерконектор со Грција, кој според неа ќе ја претвори државата од „енергетска крајна точка“ во дел од регионален енергетски коридор.
„Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри гас годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди, интерконекторот носи поголема флексибилност, повеќе рути за снабдување и поголема отпорност“, рече министерката.
Таа додаде дека преку поврзувањето со Грција, земјата ќе добие подобар пристап до регионалните гасни текови и LNG инфраструктурата, додека планираната интерконекција со Србија ќе биде следниот чекор кон посилна енергетска поврзаност север-југ во регионот.
Според Божиновска, интерконекторите не се само енергетски проекти, туку и инструменти за регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност.
