ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ЦРНОТО МОРЕ – САД посредувале за стопирање на нападите

Договорот предвидува суспензија на нападите врз инфраструктурата на КТК и танкерите што не се поврзани со Русија.

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ЦРНОТО МОРЕ – САД посредувале за стопирање на нападите
Фото: Принтскрин

САД постигнале договор со Украина според кој Киев ќе се воздржи од напади врз инфраструктурата на Конзорциумот за Каспискиот гасовод (КТК/CPC), како и врз танкери кои не се поврзани со Русија и го користат терминалот за извоз на казахстанска нафта во Црното Море, објавија медиумите, повикувајќи се на неименуван американски функционер.

Според информациите, Украина се обврзала да не ја напаѓа инфраструктурата на КТК и бродовите што пловат кон неговиот терминал, доколку тие не се под украински санкции и не транспортираат руска нафта.

Договорот следел по разговори меѓу украинското раководство и високи американски претставници, во период кога украинските напади со беспилотни летала во областа на Новоросијск предизвикаа нарушувања во товарењето на нафтата и влијаеја врз движењето на светските цени на нафтата.

Од Киев, според наводите, биле поставени јасни услови за безбедно движење на танкерите. Бродовите не смеат да бидат во сопственост на руски физички или правни лица, не смеат да превезуваат руска нафта и не смеат да се наоѓаат на листата на украински санкции.

Во рамките на договорот, наводно, веќе се воспоставени посебни комуникациски канали за размена на информации и координација на безбедноста со комерцијалните бродски компании.

КТК – клучна рута за казахстанската нафта

Конзорциумот за Каспискиот гасовод има капацитет од околу 83 милиони тони нафта годишно и претставува една од најважните транспортни рути за извоз на нафта од Каспискиот регион кон светските пазари. Истовремено, КТК е главната извозна рута за казахстанската нафта.

Нафтоводот, долг околу 1.500 километри, ги поврзува нафтените полиња во западен Казахстан со терминалот на брегот на Црното Море, во близина на Новоросијск.

Меѓу најголемите акционери во КТК се Русија преку „Транснефт“, Казахстан преку „КазМунайГаз“, руските компании „Лукоил“ и „Роснефт“, како и американските енергетски гиганти „ЕксонМобил“, „Шеврон“ и „Шел“.

Во изминатите месеци, КТК повеќепати соопштуваше дека нејзината инфраструктура и танкери биле погодени или загрозени во украински напади во Црното Море. Инцидентите доведоа до привремени прекини во товарењето и создадоа дополнителна неизвесност околу извозот на казахстанската нафта.

Со новиот договор, според американскиот функционер, нападите врз инфраструктурата на КТК и врз бродовите што ги исполнуваат поставените услови би требало да бидат суспендирани.

CATEGORIES
Share This