ГОЛЕМ ПЛАН НА ВЛАДАТА Ќе се гради мега Клинички центар, позната локацијата
Владата не се откажува од планот за нов клинички центар во Скопје кај „Борис Трајковски“, се преговара за земјиште и се најавува модерен здравствен комплекс поврзан со „8 Септември“ преку подземен тунел.

Владата не отстапува од намерата новиот клинички центар во Скопје да се изгради на локацијата во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, потврди премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, станува збор за земјиште во приватна сопственост, за кое во тек се преговори со сопственикот со цел да се обезбеди преку размена на земјиште.
„Остануваме на ставот дека Клиничката болница треба да се гради на платото пред базенот „Борис Трајковски“. Работиме на решение со приватниот сопственик, а идејата е новиот комплекс преку подземен тунел да биде поврзан со болницата „8 Септември“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во непосредна близина веќе се наоѓаат ПЕТ-центарот и Поликлиниката „Букурешт“, што овозможува создавање на модерен и функционален здравствен комплекс на едно место.
Премиерот истакна дека е задоволен од текот на разговорите со сопственикот на парцелата и изрази очекување дека ќе се постигне договор.
Покрај проектот за нов клинички центар во Скопје, Владата најавува продолжување на изградбата на клиничката болница во Штип, заедно со медицински факултет и студентски дом, како и реализација на проектите за клиничка болница во Тетово и здравствен дом со проширена дејност во Кичево.


