ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА НА РАБОТ – Кина ја менува светската индустриска карта

400.000 изгубени работни места и ризик од деиндустријализација во Германија.

ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА НА РАБОТ – Кина ја менува светската индустриска карта
Фото: Принтскрин

Германија се соочува со силен економски притисок поради брзиот раст и агресивната извозна експанзија на Кина, при што најпогодени се клучните индустриски гранки како автомобилската, хемиската и машинската индустрија. Тоа го покажува нова студија на лондонскиот тинк-тенк Центар за европски реформи (CER), за која пишува германскиот „Handelsblatt“.

Според авторите Сандер Тордоар и Бред Сетсер, Германија станува „епицентар на вториот кинески шок“. Кинеските компании, како што наведуваат, брзо освојуваат пазарен удел од германските производители и не само на кинескиот пазар, туку и низ Европа и глобално.

Во меѓувреме, Европскиот парламент донесе построги правила за увоз на челик со цел заштита на европската индустрија од евтин кинески челик. Квотата за бесцарински увоз е речиси преполовена на 18,3 милиони тони годишно, а за сите количини над таа граница се воведува царина од 50 проценти. Иако мерката главно е насочена кон Кина, експертите предупредуваат дека ова е само почеток, бидејќи сличен притисок постои и во други сектори.

Во студијата се истакнува дека Германија погрешно ги толкува причините за сопствената индустриска криза. Наместо бирократијата или високите трошоци за енергија, авторите ја посочуваат кинеската индустриска стратегија и силниот извозен раст како главен фактор.

Германското индустриско производство веќе со години бележи пад и сега е околу 6% под нивото пред пандемијата. Особено се погодени секторите директно изложени на кинеска конкуренција, а и извозот кон Кина се намалува. Според проценките, негативниот ефект од падот на нето-извозот изнесува околу 3% од германскиот БДП.

Кинескиот извоз, пак, продолжува да расте со забрзано темпо и околу 15% побрзо од глобалната трговија во првиот квартал од годинава. Овој раст се должи не само на технолошкиот напредок, туку и на силната државна поддршка преку субвенции, поволни кредити и евтино земјиште. Дополнително, според проценки на ММФ, јуанот е потценет за најмалку 16%, а некои економисти сметаат дека разликата достигнува и до 30%.

Најголеми промени се забележуваат во автомобилската индустрија. Кина веќе извезува околу 10 милиони автомобили годишно, значително побрзо од претходните прогнози, и има капацитет за производство од дури 55 милиони возила, од кои 25 милиони се електрични. Бидејќи домашниот увоз на електрични автомобили во Кина е ограничен, конкуренцијата се префрла на странските пазари, каде најголем притисок трпи германската авто-индустрија.

Студијата проценува дека Германија веќе изгубила околу 400.000 работни места поради кинеската конкуренција. Авторите предупредуваат дека продолжениот тренд може да доведе до деиндустријализација и трајно губење на индустриски капацитети и знаење.

Покрај економските последици, се зголемува и политичкиот ризик, бидејќи зависноста од Кина може да се претвори во средство за политички притисок врз Германија и Европската унија.

Експертите заклучуваат дека дерегулацијата и намалувањето на бирократијата не се доволни за решавање на проблемот, туку е потребна поактивна европска индустриска и заштитна политика кон кинеската трговска стратегија.

CATEGORIES
Share This