ГЕРМАНИЈА ПОПУШТА ПРЕД ТРАМП – Што се крие зад новата стратегија?
Германската влада ја менува реториката кон Вашингтон по заканите за царини и безбедносни мерки.

Соочена со нови тензии во односите со Вашингтон, меѓу кои и најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за повисоки царини за европската автомобилска индустрија и можноста за повлекување на американските трупи од Германија, владата на канцеларот Фридрих Мерц сè повеќе се потпира на проверена дипломатска тактика и смирување на реториката и адаптирање на пораките кон ставовите на Трамп.
Според „Политико“, Берлин во оваа фаза избегнува директна конфронтација и се обидува да ги стабилизира односите преку поумерен пристап.
Највидлив пример за ваквата стратегија дојде од самиот Мерц. Тој, коментирајќи ги трговските несогласувања меѓу ЕУ и САД, во суштина застана на страната на Трамп.
Тој истакна дека американскиот претседател е разочаран од бавниот напредок на ЕУ во финализирањето на трговскиот договор и дека неговата нетрпеливост е разбирлива, со оглед на претходните договори меѓу двете страни и постојаните нови услови од европска страна. Мерц нагласи дека договорот треба да се постигне што е можно поскоро.
Таквите изјави, во кои германскиот канцелар индиректно ја критикува динамиката на Европската Унија, се толкуваат како сигнал до Вашингтон дека Берлин сака да остане конструктивен партнер, дури и по цена на одредено дистанцирање од заедничките европски позиции.
Сличен пристап се забележува и во реакциите на најавените американски царини од 25 проценти за европските автомобили и камиони. Наместо остар одговор, Мерц повикува на продолжување на дијалогот и нагласува дека нема алтернатива на преговорите, повторувајќи дека е посветен на подобрување на трансатлантските односи.
Овој тон не е ограничен само на канцеларот. И дел од неговите министри, меѓу кои шефот на дипломатијата Јохан Вадефул и министерот за одбрана Борис Писториус, ја следат истата линија, прифаќајќи дека Европа треба да преземе поголема одговорност во рамките на НАТО, но претставувајќи го тоа како можност за развој, а не како извор на судир.
Во суштина, оваа позиција е во согласност со долгогодишните американски барања, но во Берлин се настојува таа да се претстави без конфронтативен тон.
Зад ваквиот пристап стои и стравот од натамошна ескалација. По претходните критики на Мерц кон американската политика, следеле мерки кои во Берлин биле протолкувани како притисок врз германската економија и безбедносна зависност од САД.
Затоа, новата стратегија се темели на внимателна деескалација и одржување на стабилна комуникација со Вашингтон, дури и кога односите се затегнати.
Портпаролот на германската влада, Стефан Корнелиус, изјави дека Мерц е во постојан контакт со Трамп, иако засега не се планирани нови итни средби. Следната потенцијална можност за директен разговор меѓу двајцата лидери ќе биде самитот на Г7 во Франција во јуни.
