ГЕРМАНЦИТЕ САКААТ ДА ЈА ВРАТАТ МЕРКЕЛ Мерц со рекордно низок рејтинг

Речиси половина од граѓаните сметаат дека поранешната канцеларка подобро би се справила со кризата во Германија.

ГЕРМАНЦИТЕ САКААТ ДА ЈА ВРАТАТ МЕРКЕЛ Мерц со рекордно низок рејтинг
Фото: Принтскрин

Речиси половина од Германците сметаат дека поранешната канцеларка Ангела Меркел би била подобра во решавањето на актуелните проблеми на земјата од сегашниот канцелар Фридрих Мерц, покажува анкета на „YouGov“, објавена од „Дојче веле“.

Според истражувањето, 48 проценти од испитаниците ѝ даваат предност на Меркел. За 29 проценти, двајцата политичари би биле подеднакво способни, додека само 8 проценти сметаат дека Меркел би била послаба од Мерц. Останатите 15 проценти не знаат или не одговориле.

Меркел беше германска канцеларка цели 16 години, од 2005 до 2021 година, додека Мерц ја презеде функцијата во мај минатата година. И двајцата се членови на Христијанско-демократската унија (CDU), но со години се политички ривали.

Анкетата доаѓа во период кога Германија се соочува со сериозни предизвици – економска стагнација, високите енергетски цени, демографското стареење, недостигот од работна сила и проблемите со миграцијата и надворешната политика.

Резултатите воедно покажуваат и растечко незадоволство од актуелниот канцелар, кој се соочува со многу ниска поддршка кај германските граѓани.

CATEGORIES
Share This